100 години џез во Европа

Пред 100 години, во залезот на Првата светска војна, група американски војници ја нападнаа Европа – ама не со оружје и експлозиви, туку со свинг ритамот на саксофоните, тапаните и трубите.

Дојдоа да се борат во калта против Германците во војната која беше при својот крај, но нивното пристигнување значеше и раѓање на едно послатко, културно освојување.

На 12 февруари 1918 година, понеделник, во Нант, оркестарот на 369-тата пешадиска единица – прочуените Harlem Hellfighters, го одржа тоа што се смета за првиот џез (тогаш викан „jass“ наместо „jazz“) концерт на европско тло.

Реакциите биле толку позитивни и луѓето биле целите во насмевки, што Noble Sissle – еден од членовите на бендот, во своите мемоари ќе пише дека се покажало дека џезот бил „баш тоа што во тој клучен момент ѝ требаше на Франција“.

Во понеделникот Нант одржа серија од концерти, конференции и изложби со цел да ја означи стогодишнината од легендарната свирка. Меѓу почесните гости беа и тројца од внуците на лидерот на оркестарот во таа 1918-та – поручникот Џејмс Рис Јуроп (James Reese Europe) – афроамериканскиот лидер на бендот кого го викаа „кралот на џезот“. Колку згодно што и во презимето му стои „Европа“, нели?

Ете го, кралот.

Заразата со џез

По таа вечер во Theatre Graslin во Нант, Европа веќе никогаш нема да звучи исто. Според локалните весници, Франција била превртена на теме. Ги фатил џез вирусот.

369-тата пешадиска единица беше една од четирите афроамерикански единици испратени од тогаш сé уште расно поделената Америка за да се борат под француска команда. Џејмс Рис Јуроп се смета за „првиот афроамерикански офицер кој предводел трупи во воен напад“, вели Matthieu Jouan – директор на комеморациите под капата на „100 години џез“ во Нант.

Но Јуроп исто така составил и бенд со 40 членови, меѓу кои имало и „некои од најдобрите музичари од тоа време“, истакнува Јouan.

Кога не се бореле на фронт, свиреле за да ги забавуваат локалните и останатите воени трупи. Луѓето ја обожавале нивната музика каде и да оделе.

Музика од ничија земја

По војната, 369-тата пешадиска единица беше одликувана со Croix de Guerre French за храброст. Legion d’Honneur добија 171 членови на единицата, за ослободување на селото Sechault, каде и денес стои споменик во нивна чест.

Џејмс Јуроп ја компонирал една од неговите најпознати мелодии „On Patrol in No Man’s Land”, додека лежел повреден во болница. Се вратил од војната како воен херој, само за да умре неколку месеци подоцна на возраст од 39, откако бил избоден во вратот од еден од членовите на бендот. И тогаш насловите во весниците гласеле „Кралот на џезот е мртов“.

Јуроп заминал, но неговата смрт коинцидира со подемот на три големи музички и џез легенди: Дјук Елингтон, Луис Армстронг и Сидни Беше (Sidney Bechet).

Ерата на џезот беше родена.

- Реклама -