Во комшилук на Олимпијадата: Првата трка во роботско скијање (видео)

Зимска Олимпијада, учесници од цел свет и сé тоа… фино е, ама малку е досадно ко за 2018-та. Затоа во неделата во Јужна Кореја, во Хонгсонг во близина на Пјонгчанг, се одржа „Edge of Robot“ – трка во ски слалом за роботи.

Правилата беа едноставни: Направи автономен хуманоиден робот кој може да вози слалом по прилично лесната стаза, и влегуваш во конкуренција. Дополнителни поени се добиваа за маневрирање околу портите и финиширање во разумна временска рамка.

Арно ама, конструирањето на таков робот се покажа доста комплицирано за технолошките компании и инженерите кои учествуваа. Што тоа подразбира ќе ни каже Сем Ли од Mini Robot Corporation:

„Го програмиравме роботот да имитира човечки движења така што маневрира 21 мотор. Има камери и сензори кои ги распознаваат сините и црвените бои на знамињата на портите“.

Па, во основа, роботите имаа две главни задачи: 1) да одредат каде да свртат врз база на обработените сензорни информации, и 2) да реагираат пред да излетаат во некој ендек крај стазата. Да биде повозбудливо, цел ден во регионот дуваа силни ветрови – што доведе до одложување и откажување на дел од човечките скијачки дисциплини и на Олимпијадата во Пјонгчанг.

Кај роботите тоа не беше така голем проблем. Прво, немаат кожа за да завршат со смрзнатини, а второ, имаат ниски тежишта на гравитацијата. Иако правилата наложуваа роботите учесници да се хуманоидни, прописите за висината беа прилично релаксирани – дозволен беше секој робот повисок од 50 сантиметри.

Со други зборови, од страна сето тоа изгледаше како трка на деца што првпат застануваат на скии.

Како и да е… Победник беше Taekwon V на  Mini Robot Corporation. Taekwon V e висок 125 сантиметри и тежи 43 килограми, а ќе го познаете по тиркизната јакна.

Генерално учесниците варираа од 75 до 260 сантиметри во висина, додека најлесниот беше 12 килограми, а најтешкиот – 60 килограми.

Профилите на учесниците.

Натпреварот е дел од поголемата палета на напори со кои Јужна Кореја сака да ги демонстрира своите адути во роботиката. На Олимпијадата во Пјонгчанг исто така учествуваат куп роботи; имате мултијазични роботи што служат како водичи за насоки за посетителите, робот по име Hubo го носеше олимпискиот факел, а во аквариумите на Pyeongchang Olympic Plaza пливаат и роботски риби (од 1:10 во видеото)

Роботите веќе се покажаа подобри од луѓето во доста дисциплини, но како што можевте да видите, баш и не им оди на снег. Што е супер информација да се има – ако се случи роботска апокалипса, фаќаме сите штрафта на Шапка.

Дотогаш, повелете уште пар снимки од трката во скијање.


- Реклама -