Јас сум сточарка. Веганите ме викаат „убиец“ и „насилник“

Веганството добива сé повеќе и повеќе „обожаватели“, но истовремено предизвикува и сé пожестоки спорови. Многумина својата загриженост за благосостојбата на животните ја преточуваат во голем број активни кампањи и демонстрации, особено такви кои се насочени против месната индустрија. Претеруваат ли малку активистиве?

Ако ја прашате Alison Waugh – фармерка од Нортхамберленд (североисточна Англија), границата одамна е премината.

Како што раскажува за BBC, нејзиниот живот е претворен во вистински ужас откако нејзината фарма им влетала во видното поле на веганите. Алисон е нарекувана со секакви погрдни етикети, вклучувајќи и „убиец“ и „насилник/силувач“, што воопшто не е ласкаво. Ај навредите, ама добива и смртни закани. Нејзини колеги, вели, сточари кои ги познава, исто така се исплашени за својот живот.

Ситуацијата е прилично иронична, особено што заканите доаѓаат од луѓе кои се колнат во својата хуманост и грижа за животните, а во исто време се способни да ти порачаат: „Се надевам дека ти и твоето семејство ќе умрете во некој ендек поради ова што го правите!“.

Додека ваквите демонстранти ги напаѓаат штандовите за месо во супермаркетите, пишуваат графити со груби и цинични пораки, и се расфрлаат со закани и осуда по социјалните мрежи, десетици други луѓе не можат да заспијат од загриженост дали нивното земјоделско стопанство ќе опстане за да можат да си го издржуваат семејството. Шлагот на сé е што овие активистички групи се самодефинираат како „мирно настроени“. Во меѓувреме бдеат околу животинските фарми и си земаат за задача да го претворат целиот свет во вегански, спамирајќи ги социјалните мрежи со снимки и фотографии од тоа како се третираат земјоделските животни.

Истите овие активисти се вистински ѕвезди во очите на нивните следбеници на интернет, што само дополнително ги охрабрува со часови да демнат поаѓање на камиони со добиток (на пример), за да можат да ги фатат страдањата на животните на камера. Современите технологии како смартфоните со квалитетни камери дополнително им ја олеснуваат работата.

Најголемата желба, ако се суди по однесувањето на овие активисти, е човекот да почувствува посилна врска со животните, за/па потоа и да престане да ги повредува. Fair enough. Но водени од  таквата цел, групи активисти сé почесто стојат крај штандовите со месо, но и во рестораните, со слики од заклани животни и звуци од колење.

Надвор од штандовите, нивните следбеници и идолопоклоници влегуваат на приватните имоти на фармите, кланиците и сточарите, и е многу тешко да ги истерате, бидејќи се противат и се расправаат со сопствениците и работниците. А полицијата на фармите не стигнува така брзо како во градовите.

Веганската „заедница“ тврди дека веганството е најбрзорастечко движење во полето на животниот стил во современиот свет. Само во 2017-та, побарувачката за вегетаријанска и веганска храна е зголемена за над десет пати.

Тие се убедени дека не прават ништо нелегално или морално неисправно, туку сметаат дека само обезбедуваат информации (поткрепени со докази) околу прашањата поврзани со веганството и третманот на животните. Еден од стремежите им е да разберат што ги запира луѓето од тоа да минат на диета која воопшто нема да содржи животински производи. Истовремено им помагаат со информации како најлесно можат да ја реализираат оваа промена.

Многумина остануваат само на ова во претходниот пасус, што е сосема фер. Но некои вегани одат многу подалеку и почнуваат да ги обвинуваат земјоделците кои со генерации одгледуваат земјоделски животни дека се убијци – бидејќи ги колат поради месото, или дека се силувачи – зашто го земаат млекото од кравите. Последиците од ова ги чувствуваат не еден или двајца, туку еден куп сточари, особено што зачестуваат случаите на натрапништво на приватни имоти од страна на активисти против насилство врз животните.

Alison Waugh е една од засегнатите, но таа категорично негира дека земјоделците ги експлоатираат своите животни. Таа наведува дека таа и нејзините „колеги“ вложуваат исклучителна грижа за животните на фармата, до степен што се горди на својата работа. Веганите едноставно не разбираат дека различните животни имаат различна намена и значење за човекот, вели Алисон. Има такви кои служат за друштво на луѓето, а има и такви кои се добиток. Линијата меѓу нив треба да е јасна, вели таа.

Но, многумина се спремни жестоко да се спротивстават на тврдењето дека на западните (ака. развиените) општества им е гајле за животните. Тие сметаат дека никој нормален човек не може да тврди дека ги сака животните додека си купува пилешки гради од супермаркет, на пример. Категорични се – сето тоа е плод на едно болно мршојадно општество кое преферира да јаде баш тоа – мрша, мртво месо. Иако многумина од веганите се застапници на ова мислење, повеќето ќе негираат дека се екстремисти.

Но Алисон мисли поинаку и нема намера тоа да го менува. Вели дека и фармерите во Европа нема да седат со скрстени раце пред психолошките и физичките напади од страна на радикалните вегани. Таа е убедена дека луѓето ќе продолжат да јадат месо, а со тоа и да ја заштитуваат индустријата, сé додека можат.

 

- Реклама -