Чајот е добар за креативноста

Тим психолози од Универзитетот во Пекинг објави истражување (во журналот  „Food Quality and Preference“) во кое се вклучени 50 студенти во своите рани 20-ти години. Половина од испитаниците секој ден пиеле црн чај, додека другите пиеле обична вода. Преку специјализирани тестови, психолозите ги следеле и мереле нивните когнитивни (мисловни) и креативни вештини.

Во првиот тест, студентите морале да креираат зграда од блокови во различни големини и облици. Во вториот тест морале да смислат име за ресторан. Нивните предлози потоа биле анализирани и оценувани од експерти во соодветните полиња (експерти кои инаку немале поврзаност со истражувањето).

Студентите кои секојдневно консумирале чај константно освојувале повисоки оценки за креативност и во двата теста.

Според резултатите од истражувањето, пиењето чај пред било каква сложена задача ја зголемува когнитивната вештина кај луѓето. Тоа не значи дека со пиење чај луѓето стануваат покреативни, но значи дека чајот содржи супстанци кои го опуштаат мозокот. Поради тоа, тврдат психолозите, луѓето порелаксирано ги користат своите умствени капацитети, па со самото тоа и креативно размислуваат (не за џабе на многумина најдобрите идеи им идат додека се на веце шолја или под туш, т.е. кога сме најопуштени).

„Двете состојки – кофеин и танин, имаат благотворни ефекти врз внимението и фокусот, кои се неопходни за когнитивна функција“, велат психолозите.

- Реклама -