Обвинителство: За Палевски се преземаат истражни дејствија кои во оваа фаза не можат да се споделат со јавноста

Во врска со останатите петмина осомничени, од кои тројца се товарат за соизвршителство во тешките кривични дела две грабнувања и две убиства на свиреп начин, еден за помагање при грабнување на малолетно лице и еден за помагање по извршено кривично дело, од Обвинителството велат дека истрагата е во завршна фаза

По екстрадицијата на Љупчо Палевски-Палчо од Турција во земјава, од републичкото Јавно обвинителство денеска соопштија дека во врска со него се преземаат истражни дејствија кои во оваа фаза од постапката не можат да бидат споделени со јавноста.

Зградата на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија / Фото: Архива

Од Обвинителството потсетуваат дека по барање на јавниот обвинител надлежен за случајот на првоосомничениот за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски веќе му е одредена мерка притвор чија примена веднаш стапила во сила по неговата екстрадиција од Турција во земјава.

„Врз основа на меѓународна потерница издадена по наредба на Основното јавно обвинителство Скопје, Република Турција вчера го екстрадираше првиот осомничен за кривичните дела. По барање на јавниот обвинител, за него веќе е определена мерка притвор која веднаш започна да се применува. Во однос на ова лице, јавниот обвинител презема истражни дејствија на прибавување и анализа на докази кои во оваа фаза на постапката не можат да бидат споделени со јавноста“,

се наведува во соопштението на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Во врска со останатите петмина осомничени, од кои тројца се товарат за соизвршителство во тешките кривични дела две грабнувања и две убиства на свиреп начин, еден за помагање при грабнување на малолетно лице и еден за помагање по извршено кривично дело, од Обвинителството велат дека истрагата е во завршна фаза.

Љупчо Палевски-Палчо, по околу пет месеци поминати во притвор во Турција, вчеравечер беше екстрадиран во земјава и веднаш беше спроведен во затворот „Скопје“.

Директорот на затворот, Филип Андов во изјава за „360 степени“ рече дека Палевски бил примен во затворот и не се пожалил на никакви здравствени проблеми.

Тој потврди дека осомничениот за двете убиства кои ја шокираа јавноста во земјава, но и во регионот, е сместен во посебна ќелија, во посебен блок од затворот каде се сместени и други притворени поврзани со делото.  

 „Обезбедувањето во ходникот на блокот е засилено. Во него се влегува со картичка, има посебни камери за видеонадзор и се знае точно кои стражари се ангажирани таму, кој влегува и кој и кога излегува и кога точно се отвора и се затвора вратата“,

ни изјави Андов.

Официјалната информација дека Палевски е екстрадиран од Турција во земјава, Министерството за внатрешни работи ја соопшти синоќа околу 21 часот.

„Ја информираме јавноста дека денеска полициски службеници од Секторот за меѓународна соработка на МВР во соработка со турската полиција го завршија процесот на екстрадиција од Република Турција на Љупчо Палевски (59) од Скопје, за кого беше распишана потерница за истрага за кривични дела грабнување и убиство по наредба издадена од Основното јавно обвинителство Скопје“,

се вели во соопштението од МВР.

Инаку, Палевски како првоосомничен за убиството на Ѓорчевска и Жежовски по бегството од земјава беше лоциран и уапсен градот Баликесир во Турција, по меѓународната потерница што по него ја распишаа македонските власти преку Интерпол.

Љупчо Палевски-Палчо / Фото: Архива

Барањето за екстрадиција на Палевски, Министерството за правда го испрати до надлежните власти во Турција на 7 декември, а ресорниот министер тогаш изјави дека очекува брз и позитивен одговор, иако подоцна од Министерството рекоа дека постапката може да трае и неколку месеци.

Покрај Палевски, за случајот се осомничени и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се товарат за по две кривични дела – убиство и грабнување.

Стефан Димовски, пак е осомничен за кривичното дело помагање сторител по извршено кривично дело бидејќи го возел Палевски од Србија, преку Бугарија до Турција. Нему на 12 март му беше укинат притворот бидејќи, како што образложија тогаш од Обвинителството, поради видот на кривичното дело и предвидената казна, не постои законска можност тој и понатаму да ја издржува оваа мерка за обезбедување присуство.

Меѓу осомничените е и таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски, кој по неколку месеци поминати во затворот во Шутка од неодамна се наоѓа во куќен притвор откако Врховниот суд му ја уважи жалбата.

Малолетната Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември, кога во близина на Велес беше пронајден мртов и велешанецот Панче, кој, пак, беше пријавен за исчезнат на 24 ноември.

Според информациите од истрагата кои тогаш на прес-конференција ги изнесоа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на скопското Основно јавно обвинителство, Гаврил Бубевски, Вања била грабната во влезот од зградата во која живеела, а потоа во вреќа за спиење била ставена во гепек на возило и однесена на локација надвор од Скопје, каде што е убиена.

- Реклама -