1.500 Кинези споија три големи железници за само 9 часа (видео)

Ако комбинацијата од „Кинези“ и „работа“ автоматски ве асоцира на мравки, не сте далеку од вистината. Тоа го покажаа уште еднаш, ангажирајќи околу 1.5000 работници за да изградат нова железница за новата железничка станица за само 9 часа. Девет. Часа.

Се работи за железницата Нанлонг во градот Лонгјан. Покрај 1.500-те работници биле користени и 7 товарни возови и 23 багери. Со новата железничка линија, Кинезите ќе поврзат три постоечки големи железници – Ганлонг, Ганруилонг и Жанглонг, пренесува Daily Mail.

Изградбата почнала на 19 јануари, а завршила во раните часови на 20 јануари. Освен самата пруга, работниците инсталирале и сообраќајни сигнали и низа опрема за мониторинг на железничкиот сообраќај.

Жан Даосонг – заменик менаџер на компанијата изведувач, смета дека успехот се должи на добрата организираност и распореденост на работниците, кои биле поделени во седум единици кои работеле истовремено – секоја од нив на своја индивидуална задача.

Новата железничка линија ќе биде долга вкупно 246 километри и е дел од планот да се подобри локалниот транспортен систем. Железницата ќе претставува главна транспортна врска меѓу југоисточна и централна Кина, пренесува кинеската новинска агенција Xinhua. Пругата ќе поддржува возови што оперираат со максимална брзина од 200 км/ч. Ќе биде комплетирана до крајот на годинава.

 

- Реклама -