Доматите и овошјето ги обновуваат белите дробови на поранешните пушачи

Исхраната богата со овошје и зеленчук вродува со низа здравствени бенефити (од смалување на ризикот од рак на кожата, па до јакнење на имунитетниот систем), но според една нова студија, таквата исхрана може и да ја обнови функцијата на белите дробови на поранешните пушачи.

Секоја година околу 55% од пушачите се обидуваат да се откажат од цигарите. Прекинувањето на цигарите драматично го намалува ризикот од белодробни болести, од хронични опструктивни болести на белите дробови, па до ризикот од рак.

Здравјето на белите дробови по престанувањето со пушење е тема која предизвикува голем интерес меѓу поранешните пушачи и здравствените професионалци. Белите дробови почнуваат да закрепнуваат веднаш по гасењето на последната цигара, но процесот на целосно опоравување е бавен и може да трае со години. Дополнително, престанувањето со пушење не го отстранува во целост ризикот од развој на болести поврзани со пушењето.

Друг фактор кој треба да се земе во предвид е дека белите дробови потполно „созреваат“ меѓу 20-та и 25-та година од животот, а по 35-тата функцијата полека почнува да опаѓа и дишењето постепено станува сè потешко. Тоа се случува бидејќи мускулите со текот на времето ја губат својата еластичност, а со нив и алвеолите својот облик.

Како и да е, истражувањето на научниците од здравствената школа Џон Хопкинс во Балтимор покажува дека исхраната богата со домати и овошје, особено јаболки, го намалува ризикот од хронични опструктивни болести на белите дробови, а истовремено и го забавува природното опаѓање на нивната функција. Ова второво важи и за лицата кои никогаш не пушеле.

Магичниот рецепт, според научниците, е два домата и три свежи овошја дневно.

Резултатите се објавени во European Respiratory Journal.

- Реклама -