Пет растенија што го прочистуваат домашниот воздух, за да имате што да дишите

Без разлика на тоа дали е стара или нова куќа/стан, во вашиот дом се таложат токсини. Тие се наоѓаат во боите, пластиката, на килимот, во растворите за чистење и во градежните материјали.

Но, за среќа, природата има начин да го одржи воздухот чист, односно со некои билки да го прочисти воздухот од загадувачите. Ова е особено важно кога температурите ќе паднат и прозорците поретко се отвараат. Уште поважно е кога надвор загадувањето руши светски рекорди.

За да имате што да дишите во такви вонредни услови, украсете го домот со некои од следниве растенија:

1. Фикус

Фикус е зимзелена билка која потекнува од Индија. Истражувањата велат дека тој е особено добар за прочистување на формалдехидите од воздухот.

2. Бамбусова палма

Ова е уште едно домашно растение кое го прочистува воздухот. Освен тоа, бамбусовата палма ги „брка“ инсектите и од воздухот расчистува бензен, формалдехид, хлороформ, јаглерод моноксид и ксилен.

3. Бршлен

Бршленот е зимзелена билка – ползавец кој одлично се снаоѓа и во домашни услови. Лесно се прилагодува во домот и не му е потребно многу светлина. Бршленот, освен за прочистување на воздухот, добар е и за отстранување на алергените како мувла и животински измет. Од воздухот елиминира бензен, јаглерод моноксид, формалдехид и трихлоретилен.

4. Ѓаволски бршлен

Ѓаволскиот бршлен може да се одгледува во декоративна саксија, во висечка корпа или пак поставен исправено. Потребно му е малку светлина, а доколку има повеќе, листовите му се пошарени.

5. Хризантема

Хризантемата е еден од најдобрите цветови за прочистување на воздухот. Таа всушност не е домашно растение, но може да трае и во домашни услови до шест недели. Откако ќе се исуши, заменете ја со нова. На хризантемата ѝ е потребно многу светлина, но не директна, како и многу влага. Го чисти воздухот од формалдехид, ксилен, бензен и амонијак.

- Реклама -