Автомобили на претплата, како телефони

Автомобилската индустрија е одлучна да се прилагоди на новите генерации купувачи. Возилата ќе можат да се отплатуваат на сличен начин како и телефоните.

Имено, шведската автокомпанија Volvo најави дека нивниот нов SUV ќе може да се набави не само преку класична продажба и лизинг, туку и на претплата. Се работи за моделот XC40, кој доаѓа со опција за месечна претплата од 600 долари, со договор на две години.

Слични опции веќе нудат автомобилските компании како Ford и Porsche. Земањето на автомобил на претплата во основа е слично со купувањето на лизинг, но со мали разлики. Кога е на лизинг, корисникот месечно плаќа одреден износ за да го изнајми возилото додека договорот за лизинг не истече, со опција подоцна да го откупи – што значи дека сам плаќа регистрација и сите други трошоци.

Разликата при претплатата на автомобил е во временската рамка, како и дополнителните трошоци (меѓу кои и регистрација). Во теорија, наместо да е врзан за лизинг договор, корисникот што користи претплата може да одлучи да не го поседува автомобилот во текот на (да речеме) неколку месеци кога работи во град и сака да го користи јавниот превоз. Тоа не го спреччува подоцна да земе двомесечна претплата на лето, кога оди на годишен одмор.

Дополнително, претплатата вклучува и осигурување и регистрација, а за разлика од лизингот, во зависност од договорот, корисникот не мора да ја има опцијата да го откупи автомобилот кога договорот ќе истече.

Како што рековме, се работи за прилагодување на автомобилската индустрија кон новите услови, т.е. кон новата потрошувачка генерација – миленијалците. Моделот на претплата претставува помала обврска од лизингот и купувањето на автомобил, а сепак е попрактично и поевтино од класичното изнајмување автомобил (рент-а-кар).

- Реклама -