Ловџија тврди дека мечка му ги украла пушките

Полицијата во рускиот регион Иркутск покренала истрага откако ловџија пријавил дека мечка му украла две пушки некаде во сибирската тајга.

Според извештајот, 57-годишниот ловџија на 16 ноември бил во лов на километри од најблиското село и одлучил да остане во тамошната ловџиска куќарка. Го оставил својот „багаж“, меѓу кој и двете пушки, и заминал по вода.

Кога се вратил, наслушнал сомнителни звуци и здогледал мечка како се вртка околу колибата. Исплашен од можната блиска средба со животното, ловџијата избегал во шумата и таму се криел неколку часа.

Кога конечно се вратил, овојпат вистински, видел дека му ја нема торбата со двете пушки. Неколку дена ги барал низ тајгата, а потоа ја известил полицијата. Полицијата отишла на увид во шумата, но снегот веќе одамна ги имал покриено трагите од мечката.

На ловџијата му се заканува парична казна, а можно е и да го изгуби правото на оружје во период од околу една година. Вие, во меѓувреме, ако одите во Сибир, пазете на вооружени мечки.

- Реклама -