Русите признаа радиоактивност речиси 1.000 пати поголема од просекот

Руската метеоролошка агенција Росгидромет призна дека кон крајот на септември е забележана висока концентрација на Рутениум-106 во неколку подрачја на Русија, со тоа потврдувајќи ги извештаите на неколку европски мрежи за следење на радиоактивност.

Според Росгидромет, најголема концентрација е забележана во Аргајаш – село на југот на Урал, на 30 километри од нуклеарниот комплекс Мајак, кој во 1957 година доживеа нуклеарна несреќа, а денес служи за складирање на употребено нуклеарно гориво.

„Радио-изотоп Ru-106 е пронајден на мерните станици Аргајаш и Новогорни меѓу 25 септември и 1 октомври“, прецизира руската агенција во соопштението. Се додава и дека во Аргајаш концентрацијата на Рутениум-106 е екстремно висока, и дека е 986 пати поголема од просекот од месеците претходно. И двете станици се наоѓаат на југот на Урал, близу градот Челјабинск, близу границата со Казахстан.

Руската агенција прецизира дека Рутениум-106 потоа е откриен и во Татарстан, па на југот на Русија, а по 29 септември и во сите европски земји – од Италија кон северот на Европа.

Рускиот огранок на Greenpeace ја повика Rosatom – руската државна компанија која управува со нуклеарниот сектор, да спроведе темелна истрага и да објави што се случило во Мајак.

- Реклама -