Јапонска компанија се извини што возот тргнал 20 секунди порано

Има многу причини за пофалба на јапонските возови, но главната отсекогаш била што се неверојатно точни. Е па толку од тоа. Во вторникот железничката компанија Metropolitan Intercity Railway Company, која работи во реонот на Токио, неповратно ја уништи таквата репутација.

Линијата Tsukuba Express ги поврзува Акихабара во Токио со Цукуба во префектурата Ибараки. Во текот на работната недела, возот тргнува на север од станицата Минами Нагареама точно во 9:44 часот наутро. Но, на 14 ноември, возот пошол во 9 часот, 43 минути и 40 секунди, т.е. 20 секунди порано. Оф боже, the horror!

Уште пред крајот на денот, раководството на Tsukuba Express излегува со официјално извинување за непрецизноста на поаѓањето. Извинувањето стои на сајтот на компанијата и изразува жалење за предизвиканата непријатност кај патниците.

Колку, и важни ли се всушност тие 20 секунди?

Во Македонија – не. Во Јапонија – очигледно да. Баш поради тоа што јапонските возови обично се неверојатно точни, добар дел од Јапонците го планираат своето време до секунда. Дури и да стигнат на станицата порано, на платформата се качуваат точно пред пристигнувањето/поаѓањето на возот (во меѓувреме си пијат кафе, си чачкаат по мобилен и сл.). Дури и часовниците обично им се наместени според тој на нивната станица.

Безбедно е да се претпостави дека барем неколку луѓе го пропуштиле возот во тие 20 секунди. Иако следниот доаѓа по само 4 минути, во така прецизен распоред тоа може да започне домино ефект, па евентуално (само евентуално) некои (само некои) од тие луѓе да задоцнат на работа или на училиште. Дури и да се само 15 минути, тоа веројатно би им предизвикало непријатност, макар и што не е по нивна вина.

Последнава реченица е начинот на кој размислуваат јапонските компании, а не патниците. Повеќето Јапонци сметаат дека е банално железничка компанија да се извинува за непрецизност од 20 секунди. Но, баш тој фанатичен однос на јапонските компании кон задоволството на клиентите, и баш тоа што секогаш се обидуваат да ги гледаат нештата од нивна перспектива, баш тоа вродува со подготвеност на вакво искрено извинување дури и за најмали грешки. И баш ова е најубавиот аспект на јапонското општество, пишува Кејси Базил – Американец кој живее и работи во Токио.

- Реклама -