Можеби џабе ви ставале стент

Пред околу 20 години, докторите го употребија првиот стент (еве како изгледа и како се става денес) – обично метална или пластична цевка која се шири и ги отвара блокираните крвни садови околу срцето. Оттогаш наваму, стентот е стандард во третманот на одредени нарушувања поврзани со срцето. Арно ама, едно ново истражување покажува дека стентовите изгледа повеќе имаат плацебо ефект отколку што се „панацеја“ (некаков универзален лек за сите болести; а во грчката митологија – божица на лечењето).

Истражувачите од Империјал Колеџот во Лондон спровеле студија врз 200 пациенти. Секој од нив со сериозно блокирана артерија до срцето, што го лишува од кислород и предизвикува болка во градите, особено при напор. Цели 6 недели, тимот им давал на учесниците статини (за намалување на холестеролот) и лекови за крвен притисок, а на крајот секој пациент бил пратен на рутинска процедура на вградување стент. Или барем така мислеле пациентите – само на половина им бил ставен стент, а кај останатите хирурзите само ја изглумиле процедурата, колку да ги прелажат. Потоа на двете групи им била дадена истата стандардна пост-стент нега.

Вака изгледа стент. Без паника, овој е прилично голем. Го одбравме само за да видат тие што не виделе

Други шест недели подоцна, на сите пациенти им бил направен стрес-тест (пациентот се качува на лента за трчање и трча, а докторите мерат дали има нарушувања на работата на срцето или некаква болка во градите). Излегло дека нема статистичка разлика меѓу тие што имале вградено стент и тие што мислеле дека имаат вградено стент. Со други зборови, студијата (објавена на Lancet на 2 ноември), покажува дека оперативната процедура можеби и не е ништо подобра отколку само да се пијат лекови.

Во студијата се теоретизира дека стентовите не прават разлика во овие случаи бидејќи постојано доаѓа до блокада на нови артерии. Стентот може да „исчисти“ една артерија, но болката во градите, потенцијално предизвикана од повеќе блокирани артерии, може да продолжи.

Во реалната пракса, докторите го почнуваат третманот на пациентите со затнати срцеви артерии со статини и лекови за намалување на крвниот притисок, како што спомнавме и погоре. Ако се покаже дека овие лекови се доволни да ги намалат симптомите, докторите оставаат да остане на тоа. Но ако болката во градите е толку сериозна што ги попречува активностите на лицето, или артериите се сериозно блокирани, следната фаза е вградување на стент.

Ваквата пракса е востановена врз база на цела историја на пациенти кои тврдат дека се чувствуваат подобро откако ќе им биде ставен стент. Но, тешко е да се одделат реалните физички промени од можноста дека пациентите се чувствуваат подобро само како резултат на плацебо ефектот, бидејќи знаат дека им била направена операција. Во превод, пациентите МИСЛАТ дека се чувствуваат подобро, и затоа (од сé уште нејасни причини за научниците околу тоа како работи плацебо ефектот) и се чувствуваат подобро.

А плацебо ефектот знае да биде убава работа; во нашиов случај, кај двете групи пациенти имало подобрување. Но сепак, станува јасно дека вградувањето на стент – што може да биде ризична процедура чисто поради фактот што се одвива блиску до срцето – не мора да е решение што треба да се примени кај секој што чувствува болка во градите поради закрчени артерии. Особено не кога лековите се чини дека делуваат.

Тоа не значи дека нема некои случаи каде стентовите се неопходни. Пред сé, не сите пациенти толерираат статини или медикаменти за регулација на крвта. Плус, сите пациенти во студијава имале само по една блокирана артерија. Кај поболните, со повеќе блокирани артерии, стентот сепак може да биде корисен.

Извор

- Реклама -