Жената што сама себе се извара

Еден од најголемите стравови на луѓето во врска или брак е дека партнерот може да ги изневери. Изневерените знаат колку боли, и колку е за никаде, и колку е тешко да се помине преку тоа (ако воопшто се може) и да се врати довербата. И ситуацијата на Софи Танер спаѓа во таа категорија, ама е многу покомплицирана.

Софи Танер се венчала во 2015-та. Сé било мед и млеко додека нејзиниот животен сопатник не влетал во 5-месечна љубовна афера. Сега Софи и да сака, не може да се разведе. Затоа што животниот сопатник е… таа самата.

Дап, Софи е една од тие што во последниве години се приклучија на трендот на мажење/женење со самите себе. Тогаш, во клучната 2015-та, сметала дека е премногу тешко да се најде „вистинскиот“, па решила дека е паметно да склучи самобрак (не се чудете, сега го измисливме зборов). Имало и мала церемонија, а примопредавањето на невестата го обавил нејзиниот татко (штета што немаме снимка да видиме како тоа изгледало).

Било да ја прашавте тогаш, или да ја прашате сега, Софи ќе ви одговори дека во бракот со сам себе има многу повеќе отколку тоа што „е видливо за окото“. Вели дека самобракот промовира сакање на самиот себе и претставува прослава на тоа што си сингл (што е подобра опција отколку да се самосожалуваш).

„Самобракот се однесува на самољубието. Праќа порака дека само-сочувството и само-грижата се подеднакво важни како и љубовните врски. Не значи дека ги отфрлаш сите други важни врски во животот и дека стануваш калуѓерка. Значи дека ги одбиваш лошите врски. Самобракот е доживотно ветување дека ќе бидеш одговорен за својата среќа, па разводот не е опција. Кога само би имало повеќе самољубие на овој свет, не би ни требале вакви церемонии“.

Ај да се преправаме дека се сложуваме дека самобракот е најдобрата форма на здраво себељубие… Пак остануваат многу неодговорени, а комплексни прашања. Ете, неверството. Што правиш кога ќе се изневериш? Си се лутиш? Си учукуваш по некој шамар? Одиш да си ја изгребеш колата како чин на одмазда? Како се разделуваш? Како се разведуваш? Го делиш ли имотот? Ќе се сложи ли тој твој животен сопатник утреден да ги чува децата што ќе ги имаш со друг/а? Зезнат ова светов, овој модерниов…

Ps. Имало и официјален термин за брак со себе – сологамија… Ние ќе се држиме до „самобрак“, фала пријатно.

- Реклама -