Радиоактивни диви свињи и нуклеарни печурки има и во Шведска

Тоа што и ден денес низ централна и северна Шведска шетаат радиоактивни диви свињи е доволен доказ дека нуклеарните катастрофи имаат долгорочен импакт, особено врз животната средина, дури и на големи далечени.

Хаваријата во Чернобил во 1986-та освен што го озрачи регионот (Белорусија, Русија и остатокот од Украина), испрати и облак од радиоактивен материјал кон северна и централна Шведска. Тогаш Швеѓаните беа предупредени да не јадат потенцијално радиоактивни плодови и печурки. Пораката, очигледно, не стигна до дивите свињи. Еве, три декади подоцна, дивите свињи во Шведска покажуваат исклучително високо ниво на радиоактивност. Главната причина, се смета, се печурките кои растат длабоко во земјата, а која сé уште е радиоактивна.

На 5 октомври, шведската државна телевизија SVT извести дека од 30 тестирани тела на диви свињи, 24 покажале висок степен на радијација, т.е. изложеност на радијација. Улф Фрикман од Calluna (локалната организација за експертска консултација по еколошки прашања која го изврши тестирањето) и претходно ги предупреди локалните ловци во регионот Гавле (на околу 100 км од Стокхолм) дека меѓу локалните диви свињи има „екстремно високи“ нивоа на радијација. „Ова е највисокото ниво што некогаш сме го измериле“, изјави тој за Telegraph, конкретно алудирајќи на едно од тестираните животни.

Иако се смета дека флората и фауната во Шведска генерално се безбедни, Фрикман смета дека „нуклеарните печурки“ се виновни за големото присуство на радијација кај дивите свињи. При потрагата по храна овие животни копаат длабоко во земјата, што ги изложува на трагите од јод и цезиум-137, кои остануваат во почвата долго откако ќе ги снема на површината. За разлика од дивите свињи, елените јадат (надземни) грмушки, каде што нема толку цезиум, па затоа кај елените (и другите животни) нема високи нивоа на радијација.

Проблемот со дивите свињи

Дивите свињи во северна Шведска беа ловени до работ на истребување и се враќаа во голем број во неколку наврати. Денес е случај ова второто – се проценува дека низ шведската дивина живеат околу 250.000 диви свињи. Ги ловат и рекреативно, и за храна. Популацијата продолжува да се зголемува, а Фрикман очекува да гледа сé повеќе и повеќе диви свињи со високо ниво на радијација.

Многу диви свињи на едно место се проблем и без да се радиоактивни. „Копаат дупки во полињата кои можат да ти го уништат тракторот. Ти ја уништуваат и жетвата, а ти ја јадат и храната што ја чуваш за својот добиток“, објаснува Миа Бродин – претставник на сточарската асоцијација на северна Шведска.

Во меѓувреме, тој проблем може само дополнително да се влоши; се чини дека ловците не се баш расположени да ловат радиоактивни животни. Шведските фармери се плашат дека исплашените ловци ќе престанат да го проретчуваат стадото, па популацијата на дивите свињи ќе доживее уште еден скок во бројноста, до степен што ќе ги загрозат шведските шуми и нивните полиња.

Безбедни се за јадење

Сепак, Пал Андерсон, претставник од Шведското тело за безбедност од радијација, убедува дека ловењето и убивањето на дивите свињи носи „само“ мал ризик по човечкото здравје (екстремно радиоактивни, како што се изразува Фрикман, се во контекст на очекуваните нивоа на радијација, а не во контекст на безбедноста по човечкото здравје). Луѓето слободно можат да продолжат да јадат озрачено свинско и други продукти од дивите свињи. „Го разбирам стравот, но ризикот по здравјето е мал. Човек треба да конзумира невозможни количини радиоактивно свинско за да добие повисок ризик од рак“.

Луѓето генерално толерираат некои токсини. Додека е невозможно прецизно да се одреди колку парчиња токсично свинско месо треба да изедеш за да има зголемен ризик, треба да се напомене и дека многу од храната во светот намерно се озрачува со цел да се заштити од расипување. Тоа не ја прави храната радиоактивна, а промените се толку минимални што не е лесно да утврдите која е озрачена, а која неозрачена храна. Од друга страна, експертите се согласни и дека добар дел од цезиумот може да биде елиминиран при готвење на месото. Студиите по Чернобил, чии сознанија беа применети и по Фукушима (која, патем, исто така има проблем со радиоактивни диви свињи), велат дека со средно/добро печење на месото и посолување со малку сол, се елиминираат 28% од цезиумот. При варење (до зовривање), пак, нивото на цезиум се намалува за околу половина.

- Реклама -