Зошто Јапонија има семафори со сино светло?

Од најмали нозе учиме – црвено значи „стој“, зелено значи „оди“. И еден ден одиш во Јапонија и гледаш семафор со сино светло.

Вози доволно долго и ќе видиш и други слични варијанти на семафорите кои наместо зелено имаат светло со тиркизна, аква и други слични нијанси.

Има ли сината боја на семафорот некакво посебно значење? Нема. Се работи ли за некаков дефект? Не. До јапонскиот јазик е.

Пред стотици години, јапонскиот јазик имал зборови само за четирите основни бои – црната, белата, црвената и сината. За да опишете нешто зелено, ќе сте го користеле зборот за сино – „ao“. Тој систем функционирал доволно добро некаде до крајот на првиот милениум, но тогаш почнува да се јавува зборот „midori“ (со изворно значење „’ркулец“, „’рти“) за да се опишат нештата што ние ги знаеме како зелени. Но дури и тогаш, midori (зелената) била сметана за нијанса на ao (сината). Последиците од тоа „преклопување“ на сината и зелената се гледаат и денес.

Имено, денес во Јапонија сé уште ќе налетате на зелени нешта кои се означени како сини. На пазар ќе сретнете продавачи што продаваат ao-ringo (сини јаболки), а јаболките се всушност зелени. Зелените бамбуси уште ги викаат aodake (син бамбус), а незрелите луѓе, тие што ние ги викаме „зелени“, тие ги викаат aonisai (во превод: син 2-годишник). И секако, пак се враќаме на семафорите.

Скриншoт од Google Maps.

На почетокот, светлото на семафорите во Јапонија било зелено, како и кај сите други семафори. И покрај тоа, во официјалните јапонски сообраќајни документи фигурирале како „ao“ наместо како „midori“. Од една страна, меѓународните сообраќајни закони наложувале сите „оди/помини“ сигнали да бидат изразени со зелено светло. Од друга, јапонските лингвисти се бунеле против одлуката на владата да продолжи да го користи зборот за сино („ао“, нели) во контекст на зеленото светло на семафорот. И што направи владата?

Во 1973 година, јапонските власти донесуваат одлука зелените светла на семафорите да ја користат најсината можна нијанса на зелената боја. И така доаѓаме до ситуација кога технички, на хартија, во теорија, светлата се сé уште зелени. Во пракса/на терен/на око, се доволно сини за да може да се оправда користењето на зборот „ао“…

Ете како бирократијата решава проблеми – при сино те убедува дека е зелено… при црно те убедува дека е бело, при ноќ – дека е ден, при… се разбравме де.

- Реклама -