Екстремно собирање мед во Непал

Травел фотографот Andrew Newey неодамна е вратен од експедиција во централен Непал, каде што поминал две недели со луѓето од племето Гурунг. Во фокусот на неговото патување била нивната древна традиција, па и уметност, на собирање мед.

Малку од аутсајдерите имаат видено вакво собирање на мед, па дури и на слики. Непалските „ловци“ се качуваат по скали од јажиња и висат закачени по карпите, секојдневно ризикувајќи го животот. Медот го собираат со долги стапови наречени „тангос“, со кои го откачуваат саќето од хималајските карпи и потоа го симнуваат во плетени кошници. Често тоа го прават без некаква посебна заштитна опрема.

Фотографиите на Newey го одбележуваат и згаснувањето на оваа стара традиција, како последица на неколку фактори. Најзагрижувачкиот е тоа што има сé помалку пчели; се смета дека е последица на климатските промени. Исто така, се намалува и бројот на ловци на мед – сé повеќе од младите луѓе во племето одбиваат да го научат занаетот. Истовремено расте и медицинската популарност на непалскиот мед, што резултираше со тоа непалската влада да им даде право на собирање мед на компаниите-изведувачи, кои потоа го извезуваат во странство. Тоа, заедно со сé почестите и попопуларни туристички тури, остава сé помалку простор за традиционалните ловци на мед.

Newey документира и дел од животот на племето, во случајов нивниот однос кон медот.

- Реклама -