Богатите Руси ги купуваат најдобрите фудбалери од Португалија

Трансфер периодот во Русија трае една недела подолго отколку во остатокот од Европа, па така, непосредно по завршувањето на овој рок во најголемите европски лиги, руските богаташи започнаа да го тресат фудбалскиот свет.

Бразилскиот напаѓач Хулк од Порто се сели во рускиот Зенит од Санкт Петербург, клуб со кој потпиша договор на пет години. Порто не одолеа на оштетата вредна 50 милиони евра што Зенит ќе ја исплати во три рати за трансферот на фантастичниот напаѓач, кој летово беше трансферна цел и на Челзи.

Дваесет и шест годишниот напаѓач кој од 2008 година за Порто одигра 103 натпревари и постигна 54 гола, во новиот клуб ќе го носи дресот со број 29. Засега не се откриваат личните услови под кои Хулк се сложи да се пресели во Русија, но медиумите шпекулираат со годишна плата од околу 9 милиони евра.

Богатиот сопственик на Анжи, Сулејман Керимов сака да го засили тимот кој претендира за титула во Русија и добар резултат во Лигата на Европа. Керимов подготвува неверојатна понуда од 90 милиони евра за триото од Бенфика, Аксел Вител, Родриго Морено и Николас Гаитан.

Анжи во Лигата на Европа е во група со Ливерпул, Удинезе и Јанг Бојс, а Керимов посакува неговиот тим успешно да се носи со овие тимови на европската сцена. Дека парите не му се проблем доволно кажува фактот дека за Самуел Ето издвојува годишна плата од 20 милиони евра, што го прави најплатениот светски фудбалер во моментов.

За триото од Бенфика беа заинтересирани и Реал Мадрид, Манчестер Јунајтед, Челзи и Јувентус, но никој од нив не е подготвен да издвои толкава сума на пари.

- Реклама -