Неразликување меѓу мирис на бензин и лимон може да е знак на деменција

Научниците долго време се сомневаа дека постои поврзаност меѓу сетилото за мирис и губењето на меморијата, а сега тоа и го докажаа. Новите истражувања покажуваат дека промените во сетилото за мирис можат да се првиот симптом дека лицето е во рана фаза на Алцхајмерова болест.

Се смета дека првото оштетување на мозокот од деменција се случува дури и до 20 години порано пред појавата на било кој од симптомите на болеста, но моментално не постои начин тоа да биде докажано. Сепак, научниците од универзитетот МекГил, Канада, веруваат дека една од првите промени во мозокот е оштетувањето на олфакторните неврони, кои се заслужни за разликување меѓу различни мириси.

Оваа теорија ја тестираа на 300 луѓе со висок ризик од развивање на Алцхајмерова болест (висок ризик затоа што имаат родител кој страдал од болеста). Им биле дадени „изгреби и мирисни’ тестови со повеќе понудени одговори, меѓу кои требало да идентификуваат силни мириси, како мирис на гума за џвакање, бензин или лимон. Се покажало дека најголеми тешкотии во идентификување на карактеристични мириси имале тие кај кои имало и најочигледни чисто биолошки индикатори на Алцхајмерова болест.

„Ова е прв пат некој да може јасно да покаже дека губењето на способноста да се идентификуваат мириси е поврзано со биолошките маркери кои сугерираат прогрес на болеста“, вели Мари Елиз Лафал Магнан – докторант на МекГил и водечки автор на студијата.

Такво нешто е и логично, бидејќи е познато дека олфакторната булба – која е инволвирана во сетилото за мирис, и енториналниот кортекс – кој е инволвиран во меморијата и идентификација на мирисите, се меѓу првите мозочни структури кои се афектирани од болеста, појаснува Мари Елиз.

Во најголем дел од случаите, деменцијата не може да се забележи сé додека не се појават првите симптоми во подоцнежниот живот, кога штетата е веќе направена. Најголем дел од научниците веруваат дека досегашните лекови (иако не постои третман за Алцхајмерова болест) се неефикасни затоа што лекувањето почнува премногу доцна, откако симптомите се присутни и нема многу што да се направи за да се поправи штетата. Кога би можеле да ја пролонгираат појавата на симптоми за само 5 години, сметаат научниците, штетата би можела да се намали дури за 50%.

Што се однесува до тестот со неразликување на карактеристични мириси како бензин и лимон, иако е знак за загриженост, научниците велат дека не може со сигурност да покаже дали тоа лице ќе развие проблеми со меморијата во иднина. Тие се надеваат дека наскоро ќе создадат брз, ефикасен и неинвазивен метод за откривање на болеста, а се надеваат дека мирисните тестови ќе бидат дел и ќе помогнат во наоѓањето на истиот.

- Реклама -