Ви одговара помрачување на Сонцето во понеделник, или да презакажеме?

На 21 август ќе има тотално помрачување на Сонцето (не кај нас, ќе зајде пред да се помрачи), и Америка на големо се спрема за спектакуларната глетка. Музеј за наука и природа од Далас седнува на Фејсбук и објавува евент во кој повикува на групно следење на феноменот.

… И, бидејќи Интернет е супер платформа за демонстрирање на глупоќа, од никаде се избацува тетка што има мал проблем со евентот:

„На 21-ви август многу од децата се враќаат на училиште. Не може ли да биде преместено за викенд?“

Интернет, нормално, побудале од сеир. Тетката подоцна го избриша коментарот, ама предоцна, некој веќе го сликнал. Коментари и исмевање колку сакате.

Еден вика: „Мислам дека ова е истата жена што бараше знаците за елени на патот да ги преместат на помалку прометни патишта“.

Друг вика: „Да, стварно, ај презакажете. На 21-ви ќе имам добиено“.

Трет вика: „Јас немам проблем. Само што го поправив времепловот. Закажете го кога сакате, јас ќе го гледам вчера“.

Па, ќе видиме што ќе направат. Ама ако веќе го презакажуваат, нека го закажат да се гледа и кај нас. Нека е и понеделник, шо.

PS. Тоа на насловната слика би требало да е фотографија од помрачувањето на 11 август 1999 година, што е и последното целосно помрачување што можеше да се види во Македонија. 

- Реклама -