Двете клучни карактеристики по кои мозокот на психопат се разликува од нашиот

Нова студија, спроведена скенирајќи ги мозоците на 49 затвореници во психијатриска болница, покажува дека начинот на кој психопатите носат одлуки и прават избори е многу поразличен од начинот на кој тоа го прават не-психопатите.

Со години бевме фокусирани на идејата дека психопатите не можат да генерираат емоции, и затоа ги прават ужасните нешта што ги прават, вели д-р Џош Бакхолц – невролог на Харвард. Но тоа што е најважно за нас останатите, истакнува тој, не е нивното присуство или отсуство на чувства, туку изборите што ги прават.

Неговите скенови покажуваат две важни карактеристики на умовите на психопатите:
• нивниот мозок е екстремно подложен на награди (награди во психолошка смисла, се разбира)
• последиците од акцијата одвај да имаат улога во процесот на одлучување

Кај не-психопатите е обратно; Тие ќе земат во предвид што имаат да изгубат, и последиците од нивните дела играат голема улога во нивните избори и одлуки.

Бакхолц вели дека ова истражување го тргнува фокусот од психопатите како неемотивни чудовишта.

„Дури иако психопатите се често претставени како ладнокрвни, речиси вонземски предатори, ние покажуваме дека нивниот емотивен дефицит всушност не е примарниот двигател на овие лоши избори.

Бидејќи токму изборите на психопатите се тие што предизвикуваат многу неволји, се обидуваме да разбереме што се случува во нивните мозоци кога носат одлуки при кои се јавува судир на ползата и цената/последицата од одредена акција.

Во овој најнов извештај, гледаме како нивните мозоци ја мерат наградата, и ја разгледуваме комуникацијата меѓу разните мозочни региони кои се инволвирани во носењето на одлуки“.

Скенирањата биле фокусирани на конекцијата меѓу таканаречениот striatum и вентралниот медијален префронтален кортекс, и покажале дека оваа конекција е послаба кај психопатите. Вентралниот стриатум е инволвиран во нашата реакција кон наградите, а вентралниот медијален префронтален кортекс е регионот од мозокот кој одредува како носиме одлуки. Токму оваа послаба конекција меѓу овие два мозочни региони може да е причината зошто психопатите се толку фокусирани на наградата, а не размислуваат за последиците.

„Тие не се вонземјани, тие се луѓе кои носат лоши одлуки. Истото лошо, краткогледо, импулсивно носење на одлуки кое го гледаме кај психопатите, е забележано и кај компулсивните прејадувачи и зависниците од разни супстанци.

Ако успееме ова да го вратиме во доменот на ригорозната научна анализа, ќе видиме дека психопатите не се нелуѓе. Тие се точно тоа што би се очекувало од луѓе кои ја имаат оваа конкретна дисфункција во поврзаноста/вмрежувањето на мозокот“, заклучува Бакхолц.

- Реклама -