Норвешка – земјата во која секој ти ја знае платата

Во Британија, на пример, имаше момент кога британските дневни весници ги објавија платите на водечките новинари на ВВС, иако платите на новинарите од другите телевизии на Островот остнаа надвор од јавниот домен. Во Норвешка такво нешто не е можно. Таму секој може да дознае колку заработуваат другите, и тоа за само неколку моменти.

Во минатото, платите на Норвежаните беа објавувани во посебна книга со листа на сите луѓе и даноците кои ги платиле, достапна на полиците на националната библиотека. Денес информациите се поставени на интернет и се достапни со неколку кликови, пишува ВВС.

Промената е воведена во 2001-ва година, и имаше непосреден ефект. „За многумина тоа се претвори во забава. Луѓето можеа да дознаат колку заработуваат нивните пријатели на Facebook, и тоа само со влегување на социјалната мрежа. Ситуацијата достигна смешни размери“, вели Том Стаави – поранешен главен уредник на економскиот оддел на норвешкиот весник VG.

Транспарентноста е важна за Норвешка, делумно поради тоа што Норвежаните плаќаат високи даноци на доход – од 40.2%. За споредба, во Велика Британија е 33%, а просекот во ЕУ е 30.1% (податоците на статистичката служба на ЕУ, Еуростат).„Кога плаќате толку висок данок, треба да знаете дека сите други плаќаат исто, и да знаете дека парите одат за нешто разумно. Треба да имаме доверба и да сме сигурни во даночниот систем“, вели Стаави.

Се смета дека придобивките од транспарентноста на платите се многу поголеми од проблемите кои можат да настанат како резултат на евентуалната завист меѓу луѓето. За почеток, на повеќето работни места луѓето имаат доста добра претстава за тоа колку заработуваат нивните колеги, без да мора тоа да го проверуваат преку некакви непримерни, неверодостојни (канцелариски трачеви) или недозволени методи (провалување во системот). Како резултат, платите во многу сектори се дефинираат преку колективни договори, а разликите во платите се релативно мали. Разликата во платите на мажите и жените, на пример, исто така е мала во споредба со меѓународните стандарди. Според Светскиот економски форум, од аспект на еднаквост на платите меѓу половите (за слична работа), Норвешка е на петтото место од вкупно 144 земји.

Во меѓувреме, Том Стаави и други негови истомисленици извршија притисок врз владата, чија крајна цел беше да се натераат луѓето барем да се подзамислат пред да ги проверуваат деталите за платата на некој пријател, сосед или колега. Така, за да добијат пристап до фискалните податоци, денес Норвежаните мораат да се логираат во државниот систем со својот матичен број, а во последниве три години веќе не можат ни тоа да го прават анонимно.

„Од 2014-та година, имате опција да видите кој пребарувал информации за вас. Тоа доведе до пад од една-десетина на обемот на пребарувања на податоци за туѓи плати. Сметам дека со оваа мерка се елиминира воајерскиот менталитет“, вели Ханс Кристијан Холт – директор на Норвешката даночна служба.

Од вкупно 5.2 милиона население, даночни обврзници се околу 3 милиони. Пред стапувањето на сила на ограничувањата, даночната служба регистрирала 16.5 милиони пребарувања годишно. Денес бележи над 2 милиона пребарувања годишно.

Неодамнешното истражување покажа дека 92% од луѓето барале информации за пријатели, роднини или познаници. „Признавам дека порано барав информации, но ако сега пребарувам тоа е видливо, па не го правам“, вели една жителка на Осло. „Бев љубопитна за едни соседи, но исто така и за некои мои познаници и кралското семејство. Добро е да знаеме дали многу богатите луѓе мамат, но тоа не секогаш се дознава, бидејќи постојат многу начини да направат нивните приходи да изгледаат помали“, додава таа.

Норвешките листи го откриваат само нето приходот, нето средствата и платените даноци. Некој со многу имот, на пример, може да има многу поголеми средства од сумата која се појавува на листата, бидејќи стапката на даноци на имот често е многу пониска од реалната пазарна вредност.

Хегел Глад – професорка од Осло, се сеќава дека кога била млада, возрасните чекале во редици за да ги прегледаат „огромните, дебели“ книги со податоци за приходи и даноци, кои биле објавувани еднаш годишно. „Знам дека татко ми беше еден од нив. Речиси секогаш се враќаше нерасположен поради фактот што нашиот богат сосед беше претставен како човек со ниски приходи, без средства, и плаќаше помалку даноци“, раскажува таа. Сепак, и таа главно ја одобрува транспарентноста во Норвешка.

Ханс Кристијан Холт смета дека владата постигнала добар баланс. Фактот што веќе не се дозволени анонимни пребарувања, ги обесхрабрува криминалците кои би сакале да ги искористат тие податоци за да пикираат нови мети меѓу богатите. Од друга страна, „им се допаѓа помошта што ја имаат од граѓаните кои пребаруваат информации во истрагите за даночно затајување, како и бројот на пријави што ги добиваат за потенцијални прекршители“, вели тој. Признава дека воајерскиот фактор можеби не е целосно исчезнат, но недвосмислено стои зад тоа дека законските причини и позитивните последици од транспарентноста далеку натежнуваат врз негативните.

- Реклама -