Петгодишно девојче казнето зашто продавало лимонада

Ќерката на лондончанецот Андре Спајсер е казнета со 150 фунти бидејќи им продавала лимонада на посетителите на локален музички фестивал.

5-годишното девојче поставило штанд во близина на нивната куќа во источен Лондон, на попатна локација каде што минувале илјадниците посетители на фестивалот. Продавала чаша лимонада по цена од пола фунта.

„Сакаше да ги развесели луѓето и беше горда на себе“, изјави таткото, раскажувајќи како набрзо им пришле полицајци, им објасниле дека немаат дозвола за продавање, и ги натерале да го соберат штандот. Но, иако тоа не го изненадило Спајсер, не очекувал да бидат казнети. Девојчето уште помалку, па наводно почнало да плаче: „Тато, тато, направив нешто лошо“.

Сепак, подоцна портпаролот на Градскиот совет им се извини на таткото и ќерката и ги ослободи од плаќање на било каква казна.

„Многу ни е жал за ова што се случи. Од нашите полицајци очекуваме да користат здрав разум и да имаат разбирање за специфичните ситуации, т.е. своите овластувања да ги користат совесно. Тоа, очигледно, овде не било случај. Никаква казна нема да биде наплатена, и веќе им се јавивме на г-ин Спајсер и му се извинивме нему и на неговата ќерка“, соопштија од советот.

- Реклама -