Сите го знаеме Ричард Хамонд. Харизматичниот, поранешен водител на планетарно познатото шоу Top Gear. За тие што живеат на друга планета, Ричард, Џереми и Џејмс, од пред скоро две години имаат свое ново автомобилско шоу, кое го нарекоа The Grand Tour. Првата сезона мина без некои поголеми инциденти, но оваа, што со нетрпение ја очекуваме, започна со инцидент од калибарот на Ричард Хамонд (читај: тежок инцидент). Што всушност се случи во Швајцарија? При снимањето на една од епизодите за втората сезона на The Grand Tour, Хамстер бил учесник во ридско брзинска трка (Hill Climb) и управувал електричен супер автомобил, Rimac Concept One. По неколку одлични возења, продуцентите побарале од него да вози уште еднаш и… Од петта мајка, веднаш по целта, автомобилот забрзува, губи контрола, оди во ендек 110 метри, се превртува неколку пати и неколку секунди потоа почнува да гори. Хамонд за среќа е жив и здрав, но веднаш потоа на сцена стапија експертите и хејтерите, да зборуваат и пишуваат како вината е во Rimac Concept One. Се сеќавам, во една прилика го гледав Мате Римак како зборува за своето ремек дело и како на шега спомна:
– Доколку автомобилот ве занесе или почнете да го губите контактот со подлогата, не правете ништо и не притискајте го педалот за гас. Мислам дека Хамонд се прецени себеси, се обиде да се поигра со Rimac Concept One, потоа се покаја, но стравично беше изненаден од ненадејната реакција на автомобилот, односно од 1200-те коњски сили кои се на располагање на системот за векторско распоредување на силата во секој момент.
И сега, чија беше вината? Секако е на Ричард Хамонд. Дали Rimac Concept One е безбеден автомобил? Погледнете сами!
На видеото: Интервју со Ричард Хамонд и Мате Римак.
Интересно е дека во оваа епизода сите три теми за кои пишувам се на некој начин меѓусебно поврзани. Хамонд е голем љубител на Porsche, кој скрши еден Rimac, и е роден во Варвикшир, родното место на Aston Martin, кои пак соработуваат со Rimac во делот на елекетричниот погон за нивниот најнов хипер автомобил Valkyrie.
Кога сме кај Valkyrie, има многу нови работи за кои треба да се зборува.
Сеуште не можам да верувам дека овој “болид”, ќе биде легален автомобил кој ќе учествува во сообраќај на сите континенти, и дека ќе има и “поекстремна”, тркачка верзија која ќе биде наменета само за тркачките патеки. Зарем има нешто поекстремно од автомобил со 1130 коњски сили, кој тежи само 1030 килограми. Има! Автомобил со иста толкава моќ, а можеби и повеќе, кој ќе биде понизок, со огромно задно активно крило и волан како кај F1 автомобилите кој ќе се прикачува и откачува. Но, за мене, поинтересна е уличната верзија. На прв поглед делува малку клаустрофобично, но се во знакот на перформансите. Во средината на автомобилот е поставен 6.5 литарскиот V12 атмосферски мотор кој произведува 1000 коњски сили! Знаете ли што се 1000 атмосферски коњски сили? Само за споредба, 6.3 литарскиот атмосферец на LaFerrari произведува 800 коњски сили. Уф, не можам да дочекам да го чујам Valkyrie во акција. Но, 1000 коњски сили се помалку од 1030 килограми. Недоволни се за да се достигне магичниот сооднос од 1:1. Тука започнува соработката со електро-генијалците од Rimac. Тие ќе му дадат на Valkyrie уште 130 коњски сили, преку KERS системот кој ќе биде поврзан со еден електро мотор. И така, Aston Martin Valkyrie ќе биде првиот сериски автомобил кој ќе има повеќе сила (1130 коњски сили) од својата тежина (1030 килограми). Знаеме што би се случило доколку оваа неверојатна моќ не биде пропорционално распоредена и канализирана. Затоа, се, ама баш се што гледате на овој автомобил има огромна и прецизна функција. Како што можете да видите на сликата и видеото, Valkyrie нема ретровизори. Тие се заменети со микро камери. Вратите се во “Gullwing” стил, и сигурно ќе треба да се намачите додека удобно се сместите во кабината, која од Aston Martin тврдат дека ќе биде за двајца и поудобна од онаа на новиот Ford GT. Во целиот кокпит има само волан, две седишта и четири дисплеји. Ако погледнеме под автомобилот, ќе видиме многу чудни “шуплини” и засекувања кои се всушност во служба на аеродинамиката. На крајот на денот, Valkyrie е дериват на F1 автомобил и неговиот втор родител е Red Bull F1 тимот. За перформансите засега нема да шпекулирам, но моето мислење е дека акцентот ќе биде ставен на тркачките патеки, а не на (не)достижните 500 километри на час. Најголемиот конкурент на Valkyrie ќе биде Mercedes AMG One, првиот сериски автомобил со F1 мотор. Како ли само би изгледале и звучеле овие два “убер” автомобили на иста тркачка патека. Трпение спасение, наредната година на трката Ле Ман, Aston Martin Valkyrie ќе биде официјално претставен и ќе вози околу култната патека Сарте. Се надевам, возачот нема да биде Ричард Хамонд.
На видеото: Ексклузивно, вистинскиот Aston Martin Valkyrie (5:11 – 6:18).
Во неделата заврши светски познатиот Goodwood Festival of Speed. Главна ѕвезда на фестивалот беше Porsche 911 GT2 RS, кој за првпат официјално беше прикажан пред јавноста. Неофицијално, како гром од ведро небо, GT2 RS беше прикажан пред три недели на E3, за време на светската премиера на видео играта Forza Motorsport 7. Целиот свет го виде автомобилот, но сите се прашуваа што се крие под беспрекорните облини направени од карбонски влакна и магнезиум.
На видеото: Porsche 911 GT2 RS на Goodwood Festival of Speed.
Ако се сеќавате, уште пред неколку месеци пишував за најбрзата 911-ка на сите времиња. Тогаш напишав дека супер спортскиот автомобил на Porsche ќе има околу 700 коњски сили и ќе биде директна конкуренција на McLaren 720S, Ford GT, Lamborghini Huracan Performante и Speciale верзијата на Ferrari 488, која наскоро треба да се појави. И не згрешив многу. Од 3.8 литарскиот турбо мотор се “извлечени” 700 коњски сили и 750 Nm, кои преку 7 степениот автоматски PDK менувач и задните тркала, го забрзуваат 911 GT2 RS до стотка за само 2,8 секунди, и му овозможуваат максимална брзина од 340 километри на час.
На хартија, 911 GT2 RS е модифициран 911 Turbo S. Во пракса, 3.8 литарскиот мотор со шест цилиндри наредени во линија е сериозно модифициран. Нови, поголеми турбо полначи и нови интеркулери кои се ладат со помош на воден систем, односно вода која под притисок прска во влезниот вентил со цел да намалат температурите кои се создаваат при врвните оптоварувања. Издувниот систем е целосно нов и е специјално направен од титаниум, со што се заштедени повеќе од седум килограми во задниот дел на автомобилот, поголема термичка отпорност и секако многу “емотивен” звук.
Шасијата на GT2 RS во суштина е идентична со онаа на GT3 RS. Новитет е опцијата Weissach, односно многу повеќе карбонски елементи на телото и во внатрешноста. На пример, кај стандардниот 911 GT2 RS, покривот е направен од магнезиум, а со Weissach ќе добиете карбонски покрив со кој ќе заштедите некое кило. Сопирачките направени од карбон и керамика и огромното задно карбонско крило се стандардни. За разлика од својот претходник (997 GT2 RS), новиот (991.2) автомобил, повеќе нема да биде нарекуван “Widow maker”, бидејќи е опремен со технологија која ќе ве чува од вас самите. Многу аеродинамика, многу механички грип, перфектна распореденост на тежината и ротација (лево-десно) на сите четири тркала за поголема стабилност и прецизност во свиоците.
Разбирливо, внатрешноста е типично тркачка со голема доза на сексипил, поради црвената алкантара, црната кожа и карбон фибер. Секси спортски волан без никакви команди, карбонски седишта облечени во црвена алкантара и рол-бар. Ако сте гик кој сака да ги следи сите параметри на автомобилот, на располагање имате Chrono пакет.
Weissach пакетот е со цел да го зацврстите тркачкиот карактер на вашиот автомобил. Карбонски покрив, магнезиумски тркала и карбонски рол-бар со што ќе заштедите околу 20 килограми (1470 килограми без Weissach), а ќе потрошите околу 30 илјади евра. Но, кога веќе имате 290 илјади евра за автомобил, карактерот е многу битен. И немојте да бидете премногу изненадени ако 911 GT2 RS биде побрз од 918 Spyder, бидејќи е побрз од McLaren 720S.
Сакаш уште Throttle/Brake?