Летен парадокс: Лутото те лади повеќе од сладолед

Температурите допрва го трчаат загревачкиот круг, ама веќе се неподносливи. Па ти доаѓа да кркнеш едно овошно јогуртче или сладолед, за да си ја оладиш душичката. Арно ама, во меѓувреме, душичката им шепнала на научниците дека повеќе преферира луто пиперче.

Звучи апсурдно и контрапродуктивно, ама всушност има солидни докази дека кркањето на нешто луто или зачинето ќе ти помогне да се оладиш. Тајната? Потта.

Чили пиперките, на пример, лутината ја добиваат од хемикалијата капсаицин, кој кај некои животни делува како иритант. Меѓу тие животни сме и ние луѓето. Кога ингестирате капсаицин, тој предизвикува неврален одговор во вашето тело. Како што објаснува професор Бери Грин за Scientific American, „зачинетата храна ги возбудува рецепторите во кожата кои обично реагираат на топлина“. Централниот нервен систем реагира на што и да се случува според информацијата што ја добива од сензорниот систем. Така, при активноста на нервните влакна, се предизвикува и сензацијата на топлина, и физичката реакција на топлината, која вклучува и вазодилатација, потење и поцрвенување. Затоа „горењето“ што го чувствувате во устата при јадење на лута и зачинета храна може да биде проследено со слична сензација низ целото тело, и тоа предизвикува да се потите додека јадете.

А потењето е еден од примарните механизми на телото со кои ја регулира сопствената температура. Поконкретно, токму преку испарувањето на потта ја отстранувате топлината од телото. Па така, сé додека сте добро хидрирани додека јадете чили, на пример, го присилувате телото да се лади побрзо и поефикасно.

Ама џабе што лутото ве лади, ако не јадете луто, нели? Без паника. Научниците велат дека никогаш не е предоцна да го научите јазикот да ужива во лутото. Само му треба малку време.

Имено, реакцијата на лутите пиперки е диктирана од невротрансмитер наречен substance P (P e од „pain“, болка). Природно, substance P во телото се троши бавно, а исто така и му треба доста време да се обнови – денови, па и недели. Тоа значи дека ако често јадете лута храна, ја трошите substance P многу побрзо, додека обновувањето и понатаму се одвива бавно. Со тоа буквално ја билдате толеранцијата на лута храна и можете да јадете сé полуто и полуто – отсуството на супстанцата значи и отсуство на реакција, т.е. потешко го детектирате лутото. Значи, потребно е тренинг, тренинг и само тренинг. Или барем климатизер.

 

- Реклама -