Спривалд – германската Венеција

На околу 100 километри југоисточно од Бранденбург лежи прекрасниот резерват Spreewald Biosphere. Се работи за ниска област низ која реката Спри тече во стотици помали канали низ полињата и недопрените шуми. Тоа го прави резерватот Спривалд едно од најубавите места и една од најзелените дестинации за викенд/одмор во Германија.

Како и најголемиот дел од регионот, и овој бил оформен за време на Леденото доба, како последица од повлекувањето на глечерите. Со топењето и исчезнувањето на глечерите, зад нив останала деликатна мрежа од испреплетени корита, разделени од мали острови создадени со седиментација на правта и песокот. Со текот на времето, формирани се мочуришта со густи зимзелени, листопадни и грмушести шуми.

Спривалд е населен од пред илјадници години. Меѓу 2-от и 5-от век, овде живееле германски племиња. Во 6-от век, за време на големата миграција, пристигнале и првите Словени. Со нивното доаѓање започнало и култивирање на природата. Голем дел од шумите им отстапиле место на агрикултурните полиња, па регионот станал мозаик од полиња, пасишта и фарми.

И денес островчињата се покриени со полиња и домови. Секоја куќа и секоја фарма има свое мало пристаниште и чамец со кој се оди на поле, се пренесува жетвата или децата одат во училиште.

Спривалд е заштитен од УНЕСКО, а посетителите главно доаѓаат да пешачат, да рибарат, или да веслаат со кану или кајак низ импресивната мрежа од канали познати како Fließe. Исто така, резерватот има и цркви, замоци и музеи. Сé на сé, вреди да потрошите еден ден надвор од Берлин.

- Реклама -