Отказ за фудбалскиот тренер зашто тепале со 25:0

Младата екипа на CD Serranos (деца до 11 години) ги декласираше врсниците од Benicalap C со 25 постигнати и нула примени голови, и заради тоа, тренерот на победниците остана без работа. Причината е „неспортско однесување и понижување на противникот“.

„Веруваме во спортско однесување и децата ги учиме да го почитуваат секој ривал. Водени од тоа, одлучивме дека најдобра одлука е да му се заблагодариме на тренерот за соработката“, рече претседателот на клубот – Пабло Алкаиде.

Адвокатот на отпуштениот тренер се обиде да објасни што се случило.

„Ниту во еден момент тој не барал од играчите (децата) да продолжат да даваат голови. Напротив, им рекол да престанат да вршат притисок по целиот терен, туку само на својата половина. Сепак, Benicalap C останал без право на измена, тргнале да напаѓаат, и оставале премногу простор за контри“.

Benicalap се навикнати на убедливи порази сезонава. Годината ја завршија на последната позиција, со нула бодови и неверојатни 247 примени голови.

Во Шпанија е обичај кога резултатот е превисок (10:0 и повеќе) ривалите да престанат да бројат, а некои тренери наложуваат и минимум број подавања пред евентуален шут кон голот на немоќните противници.

Би било интересно да се види каков ќе беше обичајот ако резултатот беше обратен – најлошиот тим во сезоната да победеше со 25:0.

- Реклама -