Рекорден број Британци сакаат да се погерманчат

Рекорден број Британци одбрале да станат германски државјани по Брегзит, соопштува CNN.

Германската служба за статистика објави дека бројот на Британците кои земале германско државјанство е зголемен за 361% во 2016 година – ги има вкупно 2865.

„Се чини дека има врска со Брегзит”, истакнува агенцијата во соопштението.

Странците можат да бидат натурализирани во Германија откако ќе живеат во земјата најмалку осум години. Потребно е да знаат германски на задоволително ниво и да платат такса за апликација.

Трендот не се однесува само на Германија. Голем број Британци аплицираат и за други странски пасоши откако нивната земја минатиот јуни изгласа да ја напушти ЕУ.

Кога Велика Британија ќе излезе од Унијата, најдоцна до март 2019 година, нејзините граѓани веројатно автоматски ќе го загубат правото да живеат и работат во преостанатите 27 земји членки. А ќе се соочат и со визни ограничувања на патувањето.

И Италија, Шведска, Полска и Унгарија објавија зголемен интерес за нивно државјанство во деновите по гласањето на Брегзит. Велика Британија ја губи атрактивноста за Европејците. По референдумот, многу странци кои живееја и работеа во Британија се одлучија да се вратат во своите матични држави.

Во мај британската влада објави податоци според кои околу 117.000 граѓани на други земји членки на ЕУ ја напуштиле Велика Британија во 2016 година – зголемување за 36% во однос на истиот период лани.

И нето миграцијата од земјите членки на ЕУ кон Велика Британија опадна лани во споредба со 2015-та – од 184.000 на 133.000.

- Реклама -