Околу 200 пожарникари веќе повеќе од 15 часа се обидуваа(т) да го изгасат пожарот кој ја зафати 24-катната (претходно викаа 27-катна) зграда сместена во западниот дел на Лондон.
Повредени се најмалку 70-80 лица, загинаа најмалку 6, а уште 18 се во критична состојба (други велат 20).
Само преживеаните си знаат што поминале, ама и приказните им се доволно страшни за слушање: некои морале да згазат преку мртво тело, мајка фрлила бебе од 10-ти кат (доле го пречекале други луѓе), друга мајка успеала да избега со 4 од шесте свои деца, очајните се обидуваа со „јаже“ од чаршафи да се симнат преку прозорите, тинејџер скокнал од 22-ри кат за да не изгори…
Можеби подеднакво тажно е што и преживеаните се збогуваа со своите дотогашни животи. Еден млад момак вели: „Облекава на мене и телефонот е сé што ми остана“. На друг и облеката му е позајмена…
И во сите овие стотици приказни, подеднакво тажни и подеднакво вредни, пожарникарите најдоа нешто што можеби најдобро го сумира тоа што им се случи на лондончани од Grenfell Tower: порака пишувана во очигледно убав момент, напишана од некоја веројатно млада рака.
Гласи вака:
„Не можам да го опишам чувството. Многу, многу сум среќна/ен. Имам многу идеи и планови. Имам многу соништа што сакам да ги постигнам“…
… После пожарот, веројатно многу од нив се згаснати.