20 години подоцна му нашле капаче од пенкало во душникот

Еден Кинез 20 години терал со капаче од хемиско пенкало во градите, а тоа го дозна дури неодамна.

Ванг пател од хронична кашлица – така мислеле сите околу него – уште како дете, а заедно со константните проблеми со дишењето јасно било дека има некаков проблем. Конечно отишол на лекарски преглед дури откако почнал да искашлува крв. Дијагнозата ги изненадила и Ванг и докторите.

Во душникот му е најдено капачето што го голтнал баш кога бил дете и му почнале проблемите со дишењето и кашлањето – настан кој Ванг го имал тотално заборавено. Предметот е откриен со ултразвук и веднаш отстранет, а по неколку дена Ванг е пуштен дома.

Снимката од душникот, ако баш ви се гледа (гадничка е): КЛИК.

Не може со сигурност да се тврди за какво капаче се работи, ама многу веројатно е дека имало дупка. Ако е така, можеби токму тоа е причината што истерал 20 години. Еве зошто…

Пенкалава ги знаете сите, веројатно и сте уништиле стотици такви капачиња, но малкумина се имаат прашано зошто капачето на пенкалото изгледа баш така, со дупка.

Во 1991-та, една компанија воведува генијално дизајнерско решение што ќе остане сосема незабележано од повеќето – на врвот на капачињата од нивните  пенкала се појавува фамозен отвор. Иако деталот поминува без да привлече многу внимание, ова решение ги спасува животите на еден куп деца. Конкретно, повеќе од 100 деца и неколку возрасни на годишно ниво.

Како?

Малите деца го истражуваат светот преку устата и сакаат да ги „вкусат“ сите предмети кои доаѓаат во нивните раце, особено помалите. Дури и возрасните имаат навика да го џвакаат капачето кога размислуваат или се нервозни. Притоа, капачето може многу лесно да се најде во душникот и да го блокира дишењето. Освен кога има дупка. Таа мала генијална измена им овозможува на тие што несакајќи го голтнале – да дишат. Ако ништо друго, барем додека да стигнат до болница или да дојде брзата помош.

Сите поголеми брендови на пенкала инстантно ја прифатија и воведоа измената.

„Добриот дизајн веднаш се забележува. Одличниот дизајн е невидлив.“

- Реклама -