Прирачник за одење на одмор за модерни девојки

Сте забележале ли колку од младите девојки се забавуваат кога се на плажа? Мислиме на она – да се прскаат, да се смеат и да се глупираат? Најточниот одговор е – помалку отколку што треба. Зошто? Затоа што другите се презафатени со тоа да изгледаат што е можно посекси. Во многу случаи, тоа значи аверзија кон вода.

Не знаеме до колку голем степен, но во тоа сигурно имаат удел селфињата на Фејсбук и Инстаграм, особено тие на Бела Хадид, Кендал Џенер и сличните нивни колешки. Коренот можеби се крие во позирањето покрај базен. Ако погледнете фотографии од џет-сетот во Hotel du Cap на Хаваи во 70-тите, на пример, ќе видите куп девојки што сјаат од крема за сончање, но и од водата по утринското пливање. Ако отворите денес Инстаграм, од друга страна, ќе видите дека летото, водата, базените – сé тоа е само позадина за наредната слика.

Позирањето е женскиот спорт на грото од младите жени на денешницата. Сонцето, костимите за пливање и темните цвикери се ништо повеќе од перфектни акцесоари за покажување на телата слични на тие на кои се закачени полиси за осигурување и стилови на живеење кои најдобро се опишани со хаштагот #СекогашНаОдмор. Кендал, Кајли или како и да беше Џенер е класичен случај за проучување. Во последните две недели постираше 5 фотографии со одморска тематика покрај базен, лежалки и палми, и на сите е сува како… не знам, нешто многу суво. Или е на јахта и „плови“ на даските на палубата со розево фламинго на надувување, или седи на паркиран скутер на плажа, или позира во идентично металик бикини со сестра ѝ Кортни Кардашијан, на кое веројатно и онака на етикетата му стои „Бикиниво не е за пливање“.

Освен што ја негираат една од главните поенти на летото и плажата – да се намокриш, ваквите животни стилови негираат и било какви грижи околу тоа дека на сонце можеш да изгориш, или дека ќе ти останат чудни траги од уникатниот костум при сончањето (зашто се сончани во солариум уште во декември), или воопшто, дека деликатниот материјал ќе издржи да не се распадне ако испливаш 10 метра или не дај боже бран. Не само тоа, туку трендовиве ја менуваат и модата за останатите – костумите за пливање сé почесто се дизајнираат за да бидат носени околу базен и покрај вода, ама не и во вода – има брендови чии 70% од костумите „за пливање“ им се такви. Некогаш не мора ни околу базен. Еве Ким Кардашијан неодамна потсети на времето кога во 1974 година Шер отиде на церемонија на доделување на награди во бикини. Тоа значи само едно – дека наскоро ќе ја видиме и Ким во такво издание.

Поентата ни е да испратиме порака до оние другите – (за)останатите девојки – дека е крајно време да си го апдејтираат стилот. Време е да го сфатите летото како ангажман, а не како време за уживање. Главно е да покажете дека сте диви и игриви – но не со тоа што ќе бидете диви и игриви, туку со тоа што ќе седите на скутер заринкан во песок и ќе избегнувате вода. Бонус е ако тоа го правите на јахта за време на зајдисонце. И во двата случаи пожелно е зад вас да имате дрвен или плетен мебел, како во модните списанија.

Фацата обавезно да ви биде мртва, сериозна и заводлива, а позата што е можно побезобразна (и покрај тоа што фламингото алудира дека сте невини како мало девојче). Сé тоа обавезно да оди на Фејсбук и Инстаграм (минимум). Единствената цел на вашиот одмор треба да е на машките да им пуштите лиги, како што тоа го прават Џенер, Кардашијан и сличните. Само што, тие тоа го прават за пари и за да бидат дел од џет-сетот, а вие ќе го правите само заради лигите.

Имајте убав одмор.

- Реклама -