Африканецов не плаќа членарина: Теретана донесена од брановите

Клишето е дека „ѓубрето на еден човек е богатство за друг“. Ако не сакате клишеа, има и подобра варијанта – написот на камионетот на еден вирален американски одзатнувач на тоалети: „Твоето гомно е мој леб и путер“.

Теоријата целосно ја докажува Алсиндо Соарес, кој на плажата во Кејп Верде (земја во Африка) има направено цела теретана од дрвото и разниот крш што го носат брановите на брегот.

Соарес цел живот сонувал да стане професионален атлетичар. Меѓутоа никогаш не можел да си дозволи да вежба во теретана. Шетајќи на плажата Санта Марија, еден ден дошол до идеја дека баш и не мора – ќе си направи своја, со импровизирани справи за вежбање.

Многумина го гледале со скептицизам, но денес истите тие луѓе, кои како и Соарес – не можат да си дозволат членарини, ја користат оваа неговата на песокот на плажата.

„Многу е важно за мештаните да можат да дојдат на плажата и бесплатно да вежбаат. Јас сум среќен и горд што воедно успеав и да ја исчистам“, изјави Соарес за Men’s Health, алудирајќи на отпадот што го собира и претвора во справи за вежбање.

Вели дека ќе ја користи додека е жив. „Тренирам, потоа одам да пливам, и денот ми е исполнет“, заклучува Африканецот.

- Реклама -