Црнците за време на нацистите

За ѕверствата над Евреите во Холокаустот се зборува и пишува постојано, и пак нема никогаш целосно да биде опфатен теророт во тој болен геноцид. За Ромите и Синтите кои биле убиени во нацистичкиот поход врз човештвото се спомнува само повремено и срамежливо, колку да се спомне. Статистиките за геноцидот врз Ромите се засрамувачки нецелосни.

Последниве неколку години се споменуваат нацистичките злостори и над разни други општествени групи и малцинства: геј луѓето, инвалидите… Германските црнци, меѓутоа, кои исто така страдале во нацистичката опсесија за совршената чистокрвна раса, допрва го чекаат својот ред да почне да биде одбележувана и нивната голгота.

Црнците во Германија не се појава што датира од крајот на 20-от век. Напротив. До Првата светска војна (1914 година, се разбира), Германија имала неколку колонии во Африка: Намибија, Германска источна Африка (која подоцна стана Тангањика/Танзанија), Руанда, делови од Мозамбик, Тоголенд (денес Того) и дел од Гана. Тоа значи и дека некои од истакнатите црнци од колониите се доселиле во Германија, основале семејства, се интегрирале во германското општество и меѓу Германците.

Исто така, кога во 1936 година тогаш веќе нацистичката Германија упаднала со својата војска во демилитаризираната Рајнска област и со тоа практично ја киднапирала француската покраина (која претходно во 1919-та ѝ била одземена на Германија), под нацистичка власт се нашле и меѓу 600 и 800 деца на француските колонијални војници, претежно црнци Африканци. Со Нирнбершките закони од 1935 година, на Евреите им било одземено германското државјанство, им било забрането венчање и секаков друг однос со „луѓето од негерманска крв“.

Истиот третман важел и за сите други кои нацистичките власти ги жигосале како луѓе со „странска крв“, што се однесувало и на Ромите, ама и на „црнците без држава“, како што ги нарекувале кога и нив им го одземале државјанството. Црните деца службено добиле забрана да одат во училиште во 1941 година. Во реалноста, тие биле изложени на злоставување уште од многу порано. Возрасните, пак, не смееле да одат на факултет, не можеле ниту да се вработат.

Историчарите во своите досегашни истражувања успејаа да најдат траги од голем број луѓе кои врз основа на своето африканско потекло завршиле во логорите на смртта. Герт Шрам е еден од ретките кој ги има преживеано прогоните, но и ужасот во Бухенвалд – каде го затвориле кога имал само 15 години, затоа што бил „мелез“. Но и претходно, во 1937 година, нацистите присилно „стерилизирале“ 400 деца од Рајнската област.

Севкупно, бројот на убиени црни Германци или Германци „мелези“ (чиј еден родител бил црн) е најмалку 2000. Притоа, тука не се вбројани заробените Сојузници „со погрешна боја на кожата“, кои во раце на Германците поминувале морничаво лошо; а не се вбројани ни француските војници со потекло од колониите низ Африка, кои нацистите без исклучок ги убивале уште веднаш по заробувањето, без воопшто организирано да ги сместат во некакви логори.

- Реклама -