Натпревар до дното: Да бакнуваш кола 50 часа, за да ја освоиш

Има нешто гротескно и бизарно во лајв-стримот на Фејсбук на „Kiss a Kia“ (Бакни Kia) натпреварот пренесуван на 96.7 KISS FM, каде во 8 часот утрото во понеделникот, почетна група од 20 натпреварувачи ја почнаа својата статична понижувачка голгота.

Прво, лајв-стримот нема(ше) звук. Второ, натпреварот се случуваше среде автосалон во Раунд Рок, Тексас, давајќи им можност на луѓето кои минуваа подзинати да зјапаат во натпреварувачите, чудејќи им се на паметот. Најгрозното, сепак, е што натпреварувачите поминаа повеќе од 30 часа со нивните усни залепени на металнот на чичка новиот седан: некои седеа, некои стоеја, други клечеа како да се најголеми грешници кои молат за прошка. Сето тоа како дел од очајната меѓусебна битка на волјата на секој од нив, во обид да се освои нов, бесплатен автомобил.

Веќе до 6:30 утрото во вторник, групата се смали на 11. До пладне истиот ден, секоја доза на зафрканција и несериозност комплетно исчезна од настанот. Натпреварот стана сериозен.

На прв поглед, тоа беше откачен радио натпревар како смислен од некој шупак од редовите на оние американските колеџ братства што ги гледате во тинејџерските филмови, кој ужива во мизеријата и глупоста на другите. Но ако погледнете повнимателно, сфаќате дека се работи за перформанс – дело што зборува за трпението и суровоста. Кога гледаш, дали си соучесник во деградацијата на натпреварувачите? Дали размислуваш што ти би направил за да освоиш нов автомобил, и колку лесно можеш да станеш еден од нив? Се прашуваш ли нели е можеби полесно да ги залепиш усните на Kia на два дена, отколку да работиш и да купиш нова кола од плата?

Кога ги ѕирнавме, еден од натпреварувачите имаше ставено слушалки и слушаше нешто на телефонот, што веројатно ја направи неговата голгота нијанса полесна. Другите гледаа наоколу или тропкаа со прстите по колата. Не можат да зборуваат, се разбира, ама можете да замислите колку се уморни и како нивните мали болки и рани стануваат сé потешки и потешки за игнорирање.

Најголемата болка, меѓутоа, не е физичката. Да освоите автомобил откако сте го бакнувале 40 часа некако можете и да оправдате. Ама да бакнувате метал 30 часа и да не освоите ништо е толку ужасно, што и најголемиот сеирџија со мака ќе го гледа моментот на соочување со таквиот факт.

А реалноста е дека по 50 часа (со паузи од 10 минути на секој час, за јадење, пиење, и веце) – колку што траеше натпреварот, 95% од натпреварувачите (тоа се 19 од 20) си заминаа со празни раце. На истекот на 50-те часа имаше преостанато уште седум натпреварувачи, и според правилата на натпреварот, победникот беше избран со ждрепка.

Гордата (колку што може некој да е горд на вакво „постигнување“) сопственичка на новата Kia Optima 2017 е 30-годишната Дилини Џајасурија од Остин:

Самата ситуација вришти да се направи таква компарација и затоа не сметаме дека сме нешто посебно паметни што ќе истакнеме дека натпреваров е одлична метафора за современата состојба на човекот: понижен, безгласен, во меѓусебен натпревар за милостина од корпорациите, и пренесуван во живо на друштвените мрежи, за да може цел свет да го види.

- Реклама -