Има ли стјуардеса во авионот

Една стјуардеса помогнала во приземјувањето на германски Боинг 747, откако вториот пилот „откажал“ во текот на летот.

Авионот на TUIfly, кој лани на 11 октомври патувал од Хановер за Мајорка, кога настанал инцидентот се наоѓал во францускиот воздушен простор, објавија истражителите. На копилотот му се слошило поради исклучително низок крвен притисок во 5.30 часот наутро, а стјуардесата била повикана да го заземе неговото место за време на слетувањето. Авионот со 195 патници без проблеми се приземјил во Шпанија.

Инспекторите од Германската федерална служба за истраги на авионски несреќи ги објавија деталите за несекојдневната ситуација дури вчера. Во извештајот се вели дека вториот пилот го користел тоалетот, кога одеднаш се почувствувал лошо и морал да легне. Докторот на авионот веднаш бил повикан во кокпитот, каде станало јасно дека копилотот страда од низок крвен притисок. Иако останал свесен, пилотот решил да го слета авионот без него, и замолил член од екипажот за помош.

Пилотите се обучени и имаат право да го слетаат авионот и сами, но имаат право и да побараат помош од другиот персонал на екипажот, ако е потребно. Стјуардесата била повикана за да помогне во правењето на проверките за безбедност при слетувањето, соопштија истражителите.

По слетувањето, копилотот бил однесен и прегледан во блиската болница. Јан Хилрих, портпарол на TUIfly, изјави дека ваквите случаи се многу ретки и стјуардесата ќе биде наградена за своите постапки. Тој додаде дека безбедноста на авионот не била доведена во прашање.

- Реклама -