Колку ќар имаат автомобилските гиганти од еден продаден автомобил?

Во годишниот финансиски извештај на Porsche, објавен на крајот на минатата недела, компанијата откри дека во фискалната 2016 година има продадено околу 238.000 автомобили, и има реализирано оперативен профит од 4.1 милијарди долари (14% повеќе од претходниот период).

Врз база на овие бројки, може да се пресмета дека брендот на Volkswagen AG прави профит од 17.250 долари од продаден автомобил – што е далеку повеќе од некои свои конкуренти, истакнува Bloomberg.

На пример, Daimler AG – компанијата мајка на Mercedes-Benz, минатата година реализирала профит од околу 5.000 долари по продаден автомобил. Баварскиот концерн BMW може да се пофали со слична маржа.

На што се должи оваа голема разлика? Делумно, на цената. Porsche едноставно не прави евтини автомобили. Дури и луксузните брендови, како Mercedes, понекогаш нудат посекојдневни верзии на своите автомобили, за да привлечат нови корисници кон семејството.

Клиентите на Porsche, од друга страна, поскапо ја плаќаат репутацијата на брендот.

Ferrari ја игра истата игра многу вешто. Оперативниот профит на компанијата изнесува околу 90.000 долари од продаден автомобил. Околу 30% од профитот на компанијата, сепак, е генериран од продажба на мотори, привезоци и други производи кои немаат ништо заедничко со нивните автомобили. Покрај тоа, Ferrari произведува само 8.000 возила годишно, и на тој начин ги држи цените на своите возила високи.

Имајќи го ова во предвид, „Поршињата“ веќе не се толку скапоцени. Производството на Porsche веќе достигнува околу една десетина од она на BMW, со оглед дека во последните три години компанијата го зголеми производството за 47%. Овој раст се должи на новиот модел 911 GT3, кој се продава за 144.000 долари. Освен тоа, растот на профитот на компанијата се совпаѓа со пуштањето на подостапни модели, имено Porsche Macan SUV. Macan дебитираше во автосалоните во 2014 година, а денес веќе генерира околу 40% од продажбата на Porsche.

Денес Macan се продава по основна цена од 47.500 долари. Сепак, малкумина се тие што се решаваат да купат Porsche и се задоволуваат со основниот модел. Тука на сцена влетуваат разните додатоци, кои значително можат да ја зголемат цената на автомобилот, а оттаму, се разбира, и маржата.

- Реклама -