Идеја на векот? Кружна писта

Авијацискиот експерт Хенк Хеселник, од Холандскиот воздушен центар, работи на револуционерна идеја – кружна писта.

Просечна авионска писта е долга околу 1.8-1.9 километри. Оваа има дијаметар од 3.5 км. На неа истовремено можат да полетуваат и слетуваат 3 авиона. Според пресметките на Хенк и тимот, една ваква би работела со ефикасност на 4 обични писти.

Како тоа кружна? Е така. При слетување, на пример, авионот започнува благо да врти, а патниците тоа го чувствуваат исто како кога авионот врти во воздухот. Притоа автоматски се намалува брзината на авионот. Пистата е со наклон, од надворешноста кон внатрешноста, како на тркачките стази на Наскар т.е. како инка. Авионот, бидејќи е во лак на вртење, слетува паралелно на пистата. Наклонот на пистата го влече кон центарот на кругот, со што се поништува центрифугалната сила што инаку би го исфрлила од траекторијата на движење.

Зошто кружна писта?

Од повеќе причини. Покрај ефикасноста, и заради побезбедно слетување. Токму тоа го инспирирало Хенк – морето од видеа од слетувања и обиди за слетувања (видео) при бочен ветер. Во случајот на кружна писта, таков ризик веќе нема. Авионот може да слета од било која страна, избегнувајќи го бочниот ветер.

Кружна писта би била и „позелена“ т.е. поеколошка и поекономична. На пример, наместо авионот – кога се доближува од под прав агол на пистата, да мора да прави лак за да стигне во позиција за слетување, овде ќе може да слета веднаш, од која страна и да доаѓа. Помалку кружење значи и помалку гориво. Помалку гориво, почиста животна околина.

Друг проблем што го решава кружната писта е бучавата. Да речеме дека до авионот има населба или град, каде што живеат луѓе. Во случај на кружна писта, авионите не мораат да ја надлетаат таа област. Кружната писта остава простор населените области да бидат заобиколени, особено во одредени периоди од денот/ноќта – кога луѓето спијат, на пример.

Сé на сé, луѓето сé повеќе сакаат да летаат, и има сé поголема побарувачка за авиони и летови. Кружната писта е поефикасен начин, што може да го апсорбира сиот тој сообраќај.

Проектот на Хенк го фундира и Европската Комисија. Освен воените тестови во 1960-тите, никогаш досега не е изградена кружна писта.

- Реклама -