Црниот роб што не дозволи да падне знамето

Црните војници во американската армија низ историјата морале да вложуваат натчовечки напори за да добијат барем и малку респект. Нивната желба да се докажат ги претвори црните единици во едни од најуспешните, особено во светските војни.

Како што полека паѓаа расните бариери низ годините во САД, ретроградно и постхумно почнаа да им се доделуваат награди и на тие кои ги имаа заслужено, но ги немаа добиено заради својата боја на кожата. Сепак, Вилијам Харви Карни – војник од Граѓанската војна во САД, поживеа доволно долго за да му биде доделен престижниот Медал на честа во 1900-тата година. Тој беше првиот Афро-американец што доби такво признание.

Карни бил роден како роб во Вирџинија, но успеал да избега на северот. Во 1863 година, на возраст од 23 години, ѝ се приклучил на 54-тата пешадиска единица од Масачусетс. Пет месеци подоцна, Карни ја дочекал и својата прва битка – нападот на Форт Вагнер (ако сте го гледале филмот „Glory“, битката ќе ви биде позната). Иако нападот бил неуспешен, се покажал како одлична шанса за црните воени единици да ја докажат својата храброст.

Нападот завршил со големи загуби на страната на Унијата; загинале 30% од нивните војници. Еден од убиените во близина на Вилијам Карни бил и знаменосецот (таканаречен „Color Guard“, „чувар на боите“) Џон Вол. Само во малку прилики низ историјата знамето било толку значајно како што било важно за Вилијам Карни. Како поранешен роб, за него знамето претставувало симбол на неговата слобода, но и надеж за единство на нацијата која ете, целосно била „зацапана“ во Граѓанска војна.

Се разбира, тука играла улога и почеста да се бранат боите. Се работи за долга традиција на чување на знамето до смрт, традиција што оди наназад до Римските легии. Срам е за една воена единица да се повлече, но многу посрамно е да си го напушти знамето.

Дури и денес е престижна почест да си „Color Guard“.

Гледајќи дека неговиот наредник Џон Вол е смртно погоден и умира, Карни веднаш го земал знамето, не дозволувајќи да ја допре земјата. Речиси во истиот момент бил погоден во ногата, но останал да стои на нозе со знамето.

Наместо да се повлече за да бара медицинска помош, Карни високо го размафтал знамето и продолжил да маршира напред заедно со неговата единица, иако се здобил со неколку сериозни повреди. Кога силите на Унијата биле приморани да се повлекуваат, Карни одвај се движел по бојното поле. За време на повлекувањето бил погоден во градите, раката, и пак во ногата, но не само што не се откажал од знамето, туку и продолжил да настојува националните бои воопшто да ја допрат земјата.

Дури и кога потоа бил погоден во главата и добил сериозна рана, Карни одбил да го пушти знамето. Дури и ја одбил помошта од еден друг војник од некој од другите баталјони. Тоа било знамето на 54-тата единица, и само член на 54-тата единица смеел да го носи.

Кога конечно се повлекол на безбедно, меѓу остатокот од неговите соборци, Карни го предал знамето и колабирал, изустувајќи ги зборовите: „Момци, само си ја вршев должноста. Знамето не ја допре земјата“.

Раните од размер на тие на Карни обично значеле сигурна смрт во времето на Граѓанската војна, но сепак, тој се опоравил и ги зачувал сите екстремитети. Пред да го пуштат од болница по долгото закрепнување, Карни повторно има позирано со истото тоа знаме. Подоцна заминал за Масачусетс, каде што станал поштар.

На 60-годишна возраст, Карни конечно дочекал да добие Медал на честа за неговите заслуги. Починал 8 години подоцна. Со генерации и генерации е гордост за американските црнечки трупи. Тој покажал дека без оглед на расните предрасуди како во тоа време, човек може да биде горд и сметан за херој, сé додека со срце се бори за тоа што нему му е свето.

По долго опоравување, потпрен само на бастун, Вилијам Харви Карни позира со американското знаме.
- Реклама -