Неколку подробности околу најсмртоносното цунами во историјата

На 26 декември 2004 година, бреговите на Индискиот океан беа погодени од најсмртоносното цунами во новата историја.

Брановите настанаа како резултат на земјотрес со магнитуда од 9.1 степени по Рихтер. Епицентарот на земјотресот беше во близина на северозападниот брег на островот Суматра во Индискиот океан. Воедно, тоа е и еден од најсилните земјотреси некогаш регистрирани на Земјата. Измерениот интензитет варира од мерна агенција до мерна агенција, но е меѓу 9 и 9.3 по Рихтер.

Во досегашната историја се евидентирани само три земјотреси со поголема (или еднаква) магнитуда: во Чиле во 1960 година (9.5 по Рихтер), во теснецот Принс Вилијам во 1964 (9.2 по Рихтер), и земјотресот на Андреановите Острови (9.1 по Рихтер).

Цунамито погоди 14 земји расположени во Југоисточна Азија и Источна Африка. Најмногу настрадаа Индонезија, Тајланд, Индија и Шри Ланка.

Се смета дека бранот се движел со брзина од околу 920 километри на час!

Брановите кои го удрија брегот на Северна Суматра достигнуваа максимална височина од 24 до 30 метра. Навлегоа до 2 километри во внатрешноста на копното.

Крајбрежјето на Индонезија беше удрено од брановите само 15 минути по земјотресот. Во Сомалија цунамито пристигна цели 7 часа подоцна.

Збирот на целата енергија на брановите цунами надминува 5 мегатона ТНТ. Тоа е 2 пати повеќе од целата енергија ослободена од сите експлозии од оружја употребени во Втората светска војна – заедно со атомските бомби.

Како резултат на цунамито настрадаа 226.000 луѓе. Над 400 од нив се неидентификувани до ден денес, наведува Ројтерс.

Многу од жртвите се должат како на немање на систем за навремено предупредување во регионот, така и на слабите познавања на населението за справување со вакви и слични катастрофи (што впрочем е работа на властите и научниците).

Може да се рече дека една девојка од Велика Британија е заслужна за спасот на стотици на плажата на тајландскиот остров Пукет. Гледајќи го „разнишаниот“ океан, таа ги предупредува туристите на плажата дека доаѓа цунами. Тие ја шират веста и се повлекуваат кон внатрешноста на островот.

Островот Симеулуе поминува без човечки жртви. За тоа се заслужни преданијата кои се пренесуваат од генерација на генерација и зборуваат за моќта на океанот, вклучително и „способноста“ за така големи бранови како што се цунами. Кога населението го гледа одвивањето на феноменот во живо, практично е подготвено и знае дека треба да се повлече кон повисоките делови на островот, како што и се случило.

Цунамито зема жртви и на точки оддалечени цели 8.500 километри од епицентарот на земјотресот.

- Реклама -