На најпрометната раскрсница во светот поминува по една Македонија дневно

1(904)[1]

При толку атракции во мегаполис како Токио, чудно е што еден од најпрепознатливите елементи на градот е прометна раскрсница и нејзините пешачки премини. Веројатно сте ја виделе и повеќе од еднаш; ја има во „Изгубени во преводот“, во „Брзи и бесни“, „Resident Evil“ и многу други.

Сообраќајот во овој реон не е нешто посебно, со оглед на грандиозноста на Токио, но играта што се одвива на пешачките премини кога ќе се запали зеленото светло на семафорите вреди да се види. Како и на многу други слични раскрсници во Јапонија, кога семафорот ќе покаже црвено за автомобилите, сообраќајот целосно запира. На негово место се истура море од луѓе, кои некако магично – барем отстрана гледано, успеваат да се движат организирано и да не се удрат едни во други, со типична јапонска прецизност.

Раскрсницата на Shibuya се смета за најпрометната во светот. Во најраздвижените периоди од денот, на пешачките премини поминуваат по над 2.500 луѓе, и тоа во само еден циклус на семафорот (патем, зеленото светло е отворено една минута). Дневно, на раскрсницата поминува по повеќе од една Македонија – над 2 милиони луѓе.

3(761)[1]

Инаку, овој тип на раскрсници, со дијагонален пешачки премин, беа популаризирани во 1940 година од сообраќајниот инженер Хенри Барнс во Денвер. Оттаму и се наречени Barnes’ Dance (Танцот на Барнс). Во Јапонија се појавуваат во 1969 година, за разлика од САД и Канада каде таквиот систем е оценет како неефективен и постепено го напуштаат. Бројот на вакви раскрсници и ден денес расте во Јапонија – ги има над 300.

- Реклама -