Ќе има ли летечки автомобили на Олимписките игри во Токио во 2020-та?

Инженерите во Токио се обидуваат да направат летечки автомобил кој би учествувал во палењето на олимпискиот котел на Олимписките игри во Јапонија во 2020-та година. И иако имаат уште неколку години на располагање, всушност е трка со времето да се постигне нешто во што толку многу други дизајнери на летечки автомобили не успеале: да се изгради безбедна летечка машина што може да се справи и на небото, и на патиштата.

Инженерскиот тим Cart!vator од Токио, работи деноноќно за да го доведат нивниот прототип во потполно функционална фаза. „Летечкиот автомобил“ ќе има вертикално полетување и слетување (VTOL – Vertical take off and landing capabilities), како и способност да вози по асфалтирана површина. Долгорочната цел на групата предводена од Цубаса Накамура е после Олимписките игри, човештвото конечно да заличи на „The Jetsons“ или на „Петтиот елемент“.

1443279736761188935[1]

„Ако се постигне технолошка иновација во перформансите на батериите и други полиња, во идниа возилото ќе може да се комерцијализира“, вели Масафуми Мива – инженер од групата.

Завршената летечка машина наводно ќе биде околу 3 метри долга и 1.2 метри широка. Инженерите се надеваат дека ќе постигнат перформанси во рамките на брзина од нешто помалку од 50 километри на час, на висина од нешто помалку од 50 метри во воздухот.

Тимот се соочува и со финансиски проблеми, бидејќи не успева да ја собере саканата сума потребна за реализирање на проектот, барем не со очекуваното темпо. Ќе успеат ли во намерите? Останува да видиме.

Во меѓувреме, се поставува едно друго прашање. Зошто воопшто уште се трудиме да создадеме летечки автомобили? Дури и да ги направи 100% функционални и безбедни, повторно ќе мораме да се соочиме со потрошувачката на енергија потребна да се совлада гравитацијата. Гравитацијата не можеме да ја исклучиме на копче, можеме само да буткаме воздух надолу, и тоа со помош на крила, пропелери и мотори, притоа со многу бучава и голема потрошувачка на енергија. Притоа, веројатно ќе бидат целосно автоматизирани, бидејќи на небото е тешко да се воведе ред во сообраќајот како што може да се воведе на земјата. Но како што вели Масафуми Мива, „ако се постигне технолошка иновација“, сé е можно. До пред 30 години ќе се изнасмеевме ако некој ни кажеше дека ќе имаме мали џебни компјутери способни за репродуцирање на HD слики и видеа, или пребарување на податоци користејќи гласовни команди. Но технологијата напредува со текот на времето, и се чини сé побрзо, а од некаде мора да се почне. Ако е тоа летечкиот автомобил на Олимписките игри во Токио во 2020-та, уште подобро.

- Реклама -