Писмо до детето што избравме да го немаме

baby

Текстот е објавен во The Guardian. Пратен е како писмо од читателка до редакцијата на онлајн изданието на весникот.

Лани една пријателка ни прати божиќна честитка мене и на татко ти, посакувајќи ни мир и радост. Под веста за нејзините две малечки, ни пиша дека минатата година ѝ донела „многу радост, ама не многу мир“.

Татко ти и јас избравме мир наместо радост, што е и причината што ти не постоиш. Во најголем дел од времето, додека седиме во нашиот мирен, уреден дом, и додека се насладуваме на слободата и мирот што ги носи немањето деца, јас сум задоволна со нашата одлука.

Но некогаш се прашувам од што тоа отстапив и што пропуштам.

Знаеш, јас никогаш нема да знам како е да те гушнам силно и да бидам преплавена со љубов кон тебе, толку силна што ништо не може да ѝ се спротивстави.

Нема да знам како е да се притискаш во мене на каучот додека заедно гледаме сликовница. Нема да ти ја мириснам косата, сé уште мокра бидејќи не ми дозволуваш да ти ја исушам како што треба после бањањето. Нема да се восхитувам на твоите сјајни кафени очи, како на татко ти. Наместо тоа, одбрав да го топлам скутот со мрзелива мачка.

Нема да се ужаснувам од глетката на тоа како нашиот внимателно уреден дом се полни со колоритни коцки и играчки до таванот. Пердувите, камчињата и другите слични богатства собрани во неделните попладневни прошетки никогаш нема да стигнат на прагот на нашите прозорци. Белата софата ќе остане бела и без дамки.

Веќе ми недостасува да седам со тебе на масата во кујната. Заедно ќе украсувавме колачи, а потоа ти ќе ја земеше кутијата за слатки и ќе ја ишараше со цветови и ќе ја залепеше со сребрена хартија како робот. Татко ти ќе се нервираше зашто сака крајниот резултат да изгледа убаво, но не постои начин да е така, зашто ти имаш само 4 годинки.

Нашиот перфектно искосен тревник нема да биде безмилосно раскопан по нашите безгрижни игри со топка, која ја испушташ секогаш кога ќе ти ја подадам. Цветовите нема да бидат скинати од твојата љубопитна рака.

Нема да се смеам додека татко ти клечи и се обидува да го наполни тоа твое жедно мозоче со некои досадни факти што нему му се интересни, а тебе те тераат на зевање. Татко ти, пак, никогаш нема да те крене на ушка за да погледнеш зад оградата или пак на сцената на некој концерт.

Работното биро од кое работам од дома, ќе остане уредно парче простор само за мене. Нема да ми биде наложено да се туфкам каде да ги ставам своите предмети заради недостаток од простор од детски играчки, или да се грижам за тоа каде да го ставам твоето помало братче, ако решиме дека е време и за него.

Деновите ми остануваат не особено организирани и полни со можности. Нема да морам да зборувам со другите мајки пред школските порти.

Татко ти и јас ќе бидеме слободни да продолжиме да ја негуваме взаемната приврзаност без никакви пречки. Ќе правиме што и да посакаме да правиме, кога сакаме. Никогаш нема да се грижиме дали можеби лошо си се обраќаме пред тебе, која бараш толку многу од нас.

Па, ние одлучивме. Види, немаше да можам да поднесам да те имам и да откријам дека моите стравови биле целосно на место. Не сакам да те обвинувам за сите проблеми кои неизбежно ќе ги донесеш со себе.

Но, дел од мене веќе жали за мојата одлука. Бидејќи никогаш нема да знам дали, избирајќи го овој мирен, организиран живот, пропуштам огнометна, хаотична ролеркостер авантура со најрадосното мало суштество што може човек да го замисли.

Ана Фиш

- Реклама -