Во луксузен фризерски салон во Лондон, стилистот ги прави последните финеси на косата на Наоми Истед. Нао е шик дама на околу 30 години. Ги опипува со рака русите прамени и се смешка во огледалото. И сосема разбирливо, косата ѝ е гламурозна и обемна, а и паѓа во кадрави бранови кои предизвикуваат завист кај другите жени во салонот.
Да, косата ѝ изгледа прекрасно, но тоа не е нејзина коса. Барем не целата. Наоми преседе три часа во салонот за да ѝ ги постават надградбите во вредност од 1120 евра, направени од вистинска човечка коса, и закачени на корените на нејзините сопствени руси прамени. Сепак, Наоми е само една од десетиците илјади Британки кои користат екстензии за коса. А Велика Британија е трет најголем увозник на коса во светот.
Земјата купува 43 милиони тони човечка коса годишно. Тоа е доволно да ги покрие главите на цела Македонија (2 милиона). Во меѓувреме, ретко која од Британките знае од каде и од кого доаѓаат тие прамени што ги надградува. Затоа Daily Mail реши да го проследи неверојатното и понекогаш страшно патување на екстензиите за коса од донаторите – претежно млади жени од Индија, до богатите клиентки во британските фризерски салони.
„Девиците“ со бричени глави
Во храмот Адагиригута во јужна Индија, ќе наидете на цели редици од сиромашни жени кои чекаат трпеливо во редот за да им ги избричат главите. Повеќето од нив никогаш не ја фарбале, па дури и не ја шишале косата. А таквата, наречена „девствена коса“ е особено ценета од тие што им ги бричат главите, бидејќи им се потребни само пет минути за да ја пресечат (со челични сечила).
„Го направив тоа затоа што сакав да му заблагодарам на мојот Бог. Не ме интересира што се случува со мојата коса потоа. Ако жените со лоша коса сакаат да ја користат мојата стара коса за да изгледаат подобро, тоа е подобро отколку да заврши во корпата за ѓубре“, вели 28-годишната Лавана Какала.
Лавана нема да добие ништо во замена, но и вели дека не сака ништо. Има многу други жени како неа: Во Индија постои традиција жените да ја даруваат косата во хиндуистичките храмови, и покрај тоа што знаат дека ќе биде продадена на трговци.
А косата на Лавана е од највисок квалитет. Индијките, особено тие на југ, ги избегнуваат шампоните со хемикалии, често ја чешлаат косата со чешел, и ја прскаат со кокосово масло, за да им биде глатка.
Се проценува дека храмот Тирумала заработил 24 милиони евра од трговијата со коса, за само една година. Наводно средствата биле искористени за изградба на нови училишта и болници, но во реалноста, тешко е да се следат парите и таквите информации да се проверат.
Сомнителните трговци што ги шишаат сиромашните
Индиските храмови не се единствените играчи во меѓународната трговија со коса. Пострашно е што има сé поголем број на трговци со коса кои ги обиколуваат Азија и Источна Европа и на сиромашните жени им нудат мал надомест во замена за нивната коса. Во Индија ги следат и мажите, на кои им нудат по 6 евра ако ја убедат сопругата да си ја продаде косата. Меѓутоа, има информации и за мажи што ги принудуваат сопругите да си ја дадат косата, а има и жени што се напаѓани од улични банди и насилно шишани. Сиромашните деца ги прелажуваат нудејќи им играчки.
Црна коса, руса коса, густа коса, затворска коса…
Косите на источноевропејките исто така „уживаат“ голема побарувачка. Позната како „Славјанка“ заради словенското потекло на жените, таа е мека и често целосно руса. Цените се исклучително ниски – 63 см темнокафена коса се продава за 42 евра, а светлокафена коса – за 50 евра.
Ако таа од нешишаните Индијки се нарекува „девствена“, оваа би требало да се нарекува „затворска“; Извори велат дека надградбите за коса и периките главно доаѓаат од источноевропските затвори, каде жените се шишани од чуварите. Иако нема податоци за инциденти, Московскиот центар за затворски реформи признава дека е можно да постои таквата пракса, пред сé заради недостатокот од регулативи по однос на трговијата со коса во земјата.
Јужноамериканската коса пак, која доаѓа главно од Бразил и Перу, е ценета заради својата густина. Кинеската коса не е толку барана, бидејќи е погруба и поправа.
Возраста исто така има значење. Се смета дека косата на 24-годишните девојки има највисок квалитет, бидејќи на таа возраст кератинот (протеинот што ги храни прамените) го има во најголеми количини.
„Црно злато“
Просечна жена губи меѓу 50 и 100 влакна дневно, а тоа за трговците се пари отидени во неповрат. Затоа многу од нив ги обиколуваат домовите и фризерските салони во Азија, Источна Европа и Јужна Америка, и ја собираат таа „мртва коса“. Најчесто таа е со лош квалитет, па донаторите добиваат ситен надоместок, како железни пари или шнола за коса или шампон.
Откако ќе биде собрана, косата се собира во огромни бали (како од сено), и по копно или воздух се транспортира до фабриките каде се распределува меѓу работниците (обично околу 350) кои ја обработуваат.
Трговијата е обвиткана во прамени од тајност. Собирачите на коса се во остра меѓусебна конкуренција. Фабриките не сакаат да ги откриваат своите извори, ниту пак методите на избелување и обработка што ги користат. Косата носи многу пари, а во самата индустрија ја нарекуваат „црно злато“.
Обработка
Во целата оваа фарса со туѓа коса, не страдаат само принудно шишаните, туку и работниците. Првата фаза на обработка е расплетувањето – тоа е кртовска работа која се прави исклучиво рачно. Тоа е бавна и тешка работа, како за грбот, така и за очите, и згора на тоа – ужасно платена. Еден човек расплетува по само 150 грама коса на ден.
Потоа косата се сортира, за да се добијат еднакви, глатки прамени. Во третата фаза прамените се сортираат според должината. Потоа се чешлаат со чешел и се оформуваат надградбите.
Следната фаза е обезбојувањето и омекнувањето на косата. Евтината коса се покиснува во киселина за да се отстранят микробите. Висококвалитетната коса се пречистува со обратна осмоза, при што користените состојки се строго чувана тајна. Темните пигменти се отстрануваат со мешавина од хемикалии, кои притоа не ги уништуваат кутикулите.
Русата коса се остава во растворот околу 20 дена. Кафеавите и костенливите екстензии се готови за 10. Процесот овозможува задржување на сјајот и еластичноста на косата, која сега е безбојна и спремна за боење. Ако косата треба да е кадрава (некои надградби се со вградени локни), таа се суши, се намотува на прачки и се пече во огромна фурна на 240 степени.
Кој профитира?
Косата се продава по килограм на трговците на големо, главно во САД, каде што се чува подготвена за дистрибуција. Тука се вистинските пари: азиските фабрики добиваат само мал дел од заработката на трговците од британските салони.
Глорија Кинг, која управува со компанијата Egovan, вели дека има доволно залихи на коса за да достави 10 кг во Велика Британија во било кое време. За донаторите вели дека се многу сиромашни луѓе.
„Со 45-те долари кои им плаќаме, можат да го прехранат семејството три недели“.
Во меѓувреме, британските фризери ја порачуваат косата директно од трговците на големо. Салоните плаќаат по околу 110 евра за сноп од 50 надградби, но неретко на клиентките им наплаќаат дупло повеќе.
А Наоми има 37 години и е моден консултант от Есекс. Носи надградби од својата 20-та година. Тукушто си стави нови. Ќе издржат околу три месеца – дотогаш косата ќе и порасне и надградбите веќе нема да стојат блиску до корените. Тоа и не е така голем проблем, бидејќи во зависност од процесот на поставување, едни исти надградби можат да се искористат по неколку пати…
„Кога бев мала, косата ми беше многу сува и постојано ми се кршеше (или како и да е изразот), така што почнав да си става надградби, за да ѝ додадам должина и обем. Сега постојано добивам комплименти. Луѓето ме прашуваат како може да е толку густа. Не ни забележуваат дека не е вистинска. Доаѓам на секои три-четири месеци, за да ми ги сменат екстензиите. Сум размислувала за тоа од каде доаѓаат, но му верувам на својот фризер – дека се набавени доброволно и запазувајќи ги етичките правила“.
Ах, колку е само наивна Наоми…