За смрзнатите стапала и студените канцеларии

5331d76aedfae[1]

Кога неодамна една „тек“ компанија му пришла на Стефано Скиавон од универзитетот Беркли во Калифорнија, со барање да тестира систем за климатизација на нивните канцеларии, паметот на Стефано летнал накај апостолки. Ќе објасниме.

Новиот систем требало да дува студен воздух од подот кон таванот, а со оглед дека се работи за технолошка компанија, Скиавон сфатил дека не може да ги користи старите модели што се користат уште од 70-тите при проучување на „термалниот комфорт“ – што е академскиот фенси израз за „климатизирање на просторија“.

Стапалата, излегува, се екстремно сензитивни на температура. Кога ти студи, крвните садови во екстремитетите се првите што се стеснуваат, што всушност е метод на телото да спречи поголемо губење на топлина.

„Се чувствуваш неудобно бидејќи престануваш да си ги чувствуваш стапалата, или почнуваат да ти трнат“, вели Едвард Аренс – архитект на истиот универзитетот, кој исто така го проучува „термалниот комфорт“. Со други зборови, сака да каже дека ако менаџерите на објектите се фокусираат само на ладење или на греење на стапалата, би можеле да ги намалат трошоците и потрошувачката на енергија. Па така, на Беркли, истражувачите се фокусирани на ладење и греење во правец од стапалата нагоре.

А „старите модели“ на климатизација и греење датираат уште од 60-тите, кога во канцелариите работеа претежно мажи, облечени во костуми и чевли со дебели чорапи. Бидејќи денес многу не носат чевли со дебели чорапи, особено не жените, многу од вработените знаат да си понесат мали греалки кои ги ставаат под бирото, специјално за да им ги греат нозете и глуждовите. Не само што менаџерите ги мразат затоа што тоа значи поголема потрошувачка и заради тоа што го зголемуваат потенцијалниот ризик за пожари, туку во принцип овие греалки се многу неефикасни бидејќи дуваат топол воздух. Размислете, „дуваат“ и „топол воздух“ всушност имаат спротивен ефект. Што побрзо воздухот се движи, толку е и поладен. Така, топлиот воздух што ви дува во нозете пред сé ги лади. Па за да ви ги загрее нозете со топол воздух, греалката треба да дува екстра топол воздух. А бидејќи овој топол воздух се меша со поладниот од просторијата, греалката треба да дува уште повеќе топол воздух. Ем звучи скапо, ем тука се случуваат најголемите дефекти и инциденти со пожари.

d50916db2[1]

И така, Аренс има подобра, енергетски поефикасна идеја. Тој направил греач за стапала, кој по малку наликува и на рерна. Но внатре, не топол воздух, туку сијалица зрачи топлина кон стапалата. На тестирањата меѓу библиотекарите на универзитетот, греачите за стапала правеле температурата да им биде пријатна на библиотекарите дури и кога температурата во собата опаѓала за 4 Фаренхајтови степени (за 15 Целзиусови). Тоа всушност ги намалило трошоците за греење за 50%, според Аренс. Ако стапалата ти се топли, остатокот од телото може лесно да ги компензира тие 4 степени, согорувајќи малку повеќе калории, без некоја посебна неудобност.

Хеј, а бе ова звучи како добра „справа“ за слабеење? Со оглед дека греачите на Аренс се прилично гломазни, а голем предизвик е да продадеш такви во ера на сé поефикасен дизајн, тој смета дека баш така треба да се рекламираат – како справи за слабеење: тебе ти е удобно, а остатокот од телото согорува екстра калории кога ти е ладно. Слабеење додека седиш? Кому му е гајле дали е гломазно.

* * *

И кога се работи за ладење, стапалата заслужуваат посебно внимание. Тоа што технолошката компанија сакала Скиавон да го тестира, бил канцелариски систем што дува ладен воздух на ниво на стапалата. Па тој го поставил системот во универзитетската специјална комора со контролирана клима, која во случајов симулирала отворена канцеларија во која тој има целосна контрола врз температурата, протокот на воздушна маса и влажноста. Чисто за потребите на експериментот, студентите-испитаници на Скиавон седеле пред компјутер во период од три часа, носејќи апостолки. Тој пак, редовно ги испрашувал за тоа колку им е удобно.

Стапалата и глуждовите, наоѓа Скиавон, се уште почувствителни на воздухот што дува отколку што претходно се мислеше. А тоа е мошне важно откритие за жените, кои почесто носат сандали и имаат голи глуждови.

За да не им биде престудено на луѓето, климатизацијата на ниво на стапалата подразбира деликатен баланс, како на пример дифузер што ќе забавува воздухот пред да стигне до стапалата. Зголемувањето на температурата во целата канцеларија за некој степен во летото исто така помага, а е и нај-енергетски-ефикасното решение. Ако сите одиме со апостолки или сандали на работа во лето, објектот би можел да заштеди на потрошувачка за климатизација. А во зима, ако нозете на вработените им се топли, веројатно ќе се заштедат и неколку настинки.

Како што рековме, порано канцелариите беа полни со мажи во костуми. Оттогаш многу е сменето. „Од енергетска перспектива, многу е добро што го релаксиравме дрес кодот“, вели Аренс.

А вие слободно смејте се за апостолките, ама ништо чудно утре да стане модерно и сите да нé чека по еден пар во канцеларија.

- Реклама -