Кулата во која жителите не се плашат од земјотрес

tallest-cemetery[1]

Соочувајќи се со останки од околу 100 милијарди луѓе моментално погребани или на друг начин „зачувани“ на планетава, не е воопшто чудно што ни снемува простор за вечни почивалишта за тие што ќе умрат во иднина. Она американското „six feet under“ (неколку педи под земја) веќе не важи, па архитектите активно работат на тоа да најдат алтернативи за земните гробишта. Дел од тие архитекти, своите погледи ги имаат насочено кон небото.

Висококатниците-гробишта стануваат сé попопуларни низ светот, а Memorial Necrópole Ecumênica во Сантош, Бразил е највисоката од сите нив.

Кога Пепе Алтстут ги отвори овие гробишта во 1983, Necrópole Ecumênica беа само една мала обична зграда. Но со големата побарувачка на надземни гробови, и тоа со панорамски поглед, Алтстут продолжи да ги шири гробиштата сé додека не станаа највисоките во светот. Денес зградата е висока 108 метри, и содржи 25.000 складирачки единици (океј де, гробови), неколку соби за бдеење, мавзолеи, градина со пауни и мал водопад, капела, па дури и ресторан на кровот.

И додека малку гробишта можат да се пофалат дека ги сметаат за туристичка атракција, Memorial Necrópole Ecumênica се баш тоа. Всушност, тие се една од најпосетените знаменитости на Сантош, а како туристичка атракција се признаени и од локалниот одбор за туризам. И Алтстут самиот признава дека неговите гробишта се неверојатно популарни кај туристите, што пак го припишува на озлогласеноста на зградата како „највисоките гробишта на Земјата“. Луѓе од целиот свет наводно доаѓаат во Сантош за да го видат некрополисот.

А престојот во некрополисот не е евтин. Гробовите со добар поглед – кон соседните планини, доаѓа по висока цена. Memorial Necrópole Ecumênica се составени од неколку блокови, а цените варираат во зависност од погледот. Зошто на мртовец би му требал добар поглед е логичното прашање што прво доаѓа на ум, но и покрај отсуството на одговор, луѓе даваат големи пари за да почиваат баш покрај таков поглед. Официјалниот одговор за тоа зошто гробовите на највисоките катови се најскапи е дека тие се „108 метри поблиску до рајот, од типичниот подземен гроб“. Има смисла, нели?

tallest-cemetery2[1]

Секој од 32-та ката содржи по неколку нумерирани блокови со по 150 гробови, кои се опремени со систем за вентилација, а можат да примат и до 6 тела. Распаѓањето на телата обично трае околу 3 години, по што семејството може да побара починатиот да биде ексхумиран и останките да бидат пренесени во друг дел на некрополисот. Зошто некој би ги преместувал своите починати блиски во друг оддел, кога веќе имаат гробно место со прекрасен поглед? Затоа што споменатите високи цени се навистина високи: 3 годишно изнајмување на погребно место во кулата чини меѓу 5.900 и 21.000 долари, зависно во кој дел од Memorial Necrópole Ecumênica се наоѓа. Сепак, за тие што немаат проблем со парите, некрополисот нуди уште полуксузни варијанти – цели погребни фамилијарни места со меморијални соби, по цена од околу 54.000 долари.

Иако Memorial Necrópole Ecumênica се најголемите вертикални гробишта во светот според Гинис, дефинитивно не се единствените од тој тип. Во Тајван, на пример, положувањето на останките на саканите во повеќекатни пагоди е стара традиција, а слични такви гробишта се градат и во земји како Израел и Индија.

- Реклама -