Федерер е загрижен за Надал

Роџер Федерер јавно ја изрази својата загриженост поради зачестените проблеми со повредите на Рафаел Надал.

Швајцарскиот ас e лут ривал со Шпанецот за време на меѓусебните дуели на елитните турнири, но сепак сочувствува со него поради се почестите здравствени проблеми. Федерер во изјава за медиумите му искажа поддршка на Надал, со надеж дека треторангираниот светски тенисер што поскоро ќе успее да се врати на терените.

„Тој се откажа од Олимписките игри, но убеден бев дека ќе игра во Торонто и во Синсинати. Кога го откажа учеството од овие турнири од Мастерс серијата, сфатив дека ситуацијата воопшто не е наивна. Станувам загрижен за него, се надевам дека наскоро состојбата ќе му се подобри бидејќи турнирите се многу посилни кога во нив учествува и Надал. Наскоро ќе му се јавам и лично ќе му ја изразам својата поддршка“ истакна Федерер.

Последните информации поврзани за Рафаел Надал говорат дека лесно може да се случи Шпанецот да го пропушти и УС Опен, бидејќи сè уште не се чувствува целосно подготвен за враќање на тениските терени.

- Реклама -