Мигрантите муслимани преминуваат во христијанство

GettyImages-513513244[1]

Со текот на мигрантската криза, како што известува Guardian, сé повеќе од мигрантите што доаѓаат во западноевропските земји преминуваат во христијанство.

Конкретни податоци за стапката на преминување во христијанството нема, но црквите во регионот сведочат дека постои тренд на зголемена посета на црквите од страна на муслимани што избегале од Средниот Исток и централна Азија.

Во некои од тие случаи, црквите пријавуваат и „масовна баптизација“ – масовно крстење на побарувачи на азил во општинските базени за пливање.

Како и кај сите преминувања од една во друга вера, мотивите и причините на секој од апликантите варира од случај до случај. Во овој, некои велат дека трендот кај мигрантите потекнува заради разбивањето на илузиите околу тоа како исламот бил користен во нивните земји. „Во многу случаи, побарувачите на азил се дистанцирани од исламот откако виделе како се политизира и злоупотребува“, вели Јорн Тилман од Erlangen центарот за ислам и право во Европа. Дел од свештениците сметаат дека се работи за желба за одново припаѓање во заедница.

„Се работи за тоа да се биде дел од кралство каде нема граници и граничари, каде што не е потребен пасош, каде што нема казнени центри за имиграција“, вели Сали Смит – свештеничка во англиската Црква на Сент Марк. „Дел од едно светско семејство каде што нема бариери и поделби“.

Сепак, Смит, како и некои скептици, признава дека тоа што бегалците преминуваат во христијанство може да има врска со верувањето дека тоа ќе им помогне во процесот на добивање азил. Според правилата на Европската Унија, мигрантите се заштитени од депортација ако дома во матичните земји се соочуваат со кривично гонење заради тоа што смениле религија.

Тоа го рече и Дауд Рахими од Авганистан за NPR. Тој рече дека „можеби ќе премине“ во христијанство, за да избегне депортација. Вели дека преминувањето во друга религија е мотивирано од стравот, а не од алчност.

„Ако мојата земја беше безбедна, враќањето немаше да биде проблем. Но не е, а ако јас се вратам, животот ќе ми биде во опасност“.

Во обид да се осигураат дека тие што преминуваат во христијанство се целосно посветени да станат христијани, а не само за да избегнат депортација, некои цркви имплементираа формализирани периоди на подготовка, каде што апликантите за азил мораат прво да посетуват подготвителни сесии за баптисување. Во катедралата на Ливерпул, на пример, тоа значи посета на 17 такви часови/предавања.

Не дека и мотивите на црквите од западните земји се чисти. Со оглед на тоа што религијата е во опаѓање на западот, некои критичари обвинуваат дека овие масовни преоѓања во христијанство се дозволени од лични интереси на црквата, што се граничи со злоупотреба.

„Тоа е искористување на луѓето во лоша позиција и сé е околу бројките“, вели пастор Герхард Шолте од Реформираната црква на Кајзерсграхт. „Тоа за мене е одвратно“.

Затоа, во црквата на Шолте, тој не дозволува преоѓање на мигрантите во христијанство, освен во услови кога тоа „би спасило животи“.

Тоа што и мигрантите, и црквите имаат корист, пак, за други пастори не е пречка. Всушност, некои религиозни лидери дури се жалат на реакциите што се јавуаат како одговор на интензивното конвертирање на мигрантите. Смит, на пример, се жали дека наишла на силни критики и обиди да се омаловажи работата на црквата, како и дека многу членови на свештенството го напуштаат истото по случувањата во црквата.

„Има многу луѓе што го злоупотребуваат системот – не се срамам да го кажам тоа. Но, дали е тоа вина на лицето, или на системот?“, вели Мохамад Егтедаријан – ирански бегалец кој преминал во христијанство и сега е свештеник.

„Луѓето се очајни за подобар живот и понекогаш се спремни да лажат за него… Единствениот кој знае што им е на луѓето во срцата е Господ. Не е мое да судам“.

- Реклама -