Фергусон го моли Венгер да му го даде Ван Перси

Сер Алекс Фергусон делува цврсто решено да го доведе Робин ван Перси во Манчестер Јунајтед, а за остварување на таа цел дури имал и средба во четири очи со стратегот на Арсенал, Арсен Венгер.

Овие двајца врвни стручњаци важат за најголеми ривали во последните петнаесетина години во англискиот фудбал, па токму затоа Венгер инсистира својот капитен да го продаде на друг клуб, а не на лутиот ривал од „Олд Трафорд“. Сепак, Фергусон инсистирал на состанок со Венгер за да се разрешат недоразбирањата на оваа тема, за Јунајтед да може да влезе во сериозни преговори со Арсенал за што побрза реализација на овој трансфер.

Англиските медиуми информираат дека Венгер се согласил лично да не го блокира трансферот, но останал цврсто на ставот дека доколку Ван Перси биде продаден на ривал од Премиер лигата, тој клуб ќе треба да плати значителна отштета.

Првичната понуда од 15 милиони фунти на Манчестер Јунајтед беше експресно одбиена од страна на Арсенал, а „Топчиите“ немаат намера да отстапат од сумата од 30 милиони фунти што ја бараат за својот капитен.

Венгер му соопштил на Фергусон дека е подготвен да разговара само доколку добие 20 милиони фунти на денот на потпишување на договорот, плус уште десет преку најразлични клаузули.

Останува да се види дали Сер Алекс Фергусон е подготвен да плати толкава сума, со оглед на неговото упорно одбивање да троши богатство на засилувања, став поради којшто летово не успеа да дојде до Еден Азар, Лукас Мура и Лука Модриќ.

- Реклама -