Throttle/Brake – епизода 16: Ferrari F12 TdF v Lamborghini Aventador SV

Image-14

Ривалството помеѓу Ferrari и Lamborghini е приказна која трае со децении. По заминувањето на Енцо и Феручио во легендите, интензитетот на тоа луто ривалство е намалено. Од време на време нешто се случувало, на пример со моделите 458 Italia и Huracan, кои беа директни ривали, но сето тоа ја немало таа доза на ривалство, таа страст како во старите денови. Се досега. Најмоќниот Lamborghini автомобил Aventador SV, доби силна конкуренција. Последниот од овој вид, тркачки настроен, вистински Ferrari супер автомобил, без батерии, со природно напојуван V12. Драги читатели, Ferrari F12 TdF. 

Image-1

Името, не случајно го добива по Ferrari 250 TdF, автомобилот кој бил четирикратен победник на култната трка Tour de France. Не, не таа со велосипеди. Оваа култна трка од педесетите, каде се возело по асвалт, песок, снег, дожд и илјадници километри, ја прави 24 Hours of Le Mans, да изгледа како обичен тренинг. За името велам дека е не случајно дадено, затоа што ознаката TdF,  која била пензионирана цели педесет години, во тоа време го означувала победничкиот и тркачки дух на Ferrari. По пет децении, тоа наследство е дадени на моделот F12. Што е F12 TdF во суштина?

Овој автомобил е набилдана, многу поостра верзија на “стандардниот” F12, ако може така да се нарече. Повеќе сила, помала маса, подобра аеродинамика, сопирачки од LaFerrari, и V12 мотор со висок вртежен момент, без електро мотори и батерии. Резултатот е следниот: Супер автомобил со ѕверски карактер, што не може да биде управуван од секој кој има многу пари. Да, зарем не е тоа вистинскиот имиџ што оваа компанија го гради и го посакува со години. Сега им успева, во секоја смисла на зборот. Овој Ferrari автомобил е можеби и последниот од неговиот вид, со напред поставен природно напојуван V12 мотор, односно без турбо и хибридна технологија. Можеби и затоа е ознаката TdF, некој вид на симболика за крај на една успешна генерација на Ferrari супер автомобили од овој вид.

Ferrari F12 TdF ќе биде произведен во лимитирана серија од 799 примероци, по цена од 434.000 евра.

Image-2

Техничкиот дел на овој автомобил е прилично импресивен, ако се земе впредвид дека F12 TdF е Gran Turismo автомобил. Моторот е истиот како и кај стандардниот F12, 6.3 литарски, V12, но засилен до неверојатни 769 коњски сили при високи 8500 вртежи во минута, и влечна сила од 705 Nm. Силата се пренесува на задните тркала преку исклучително брзиот седум степен менувач со дупла спојка. Во однос на стандардниот F12, кај TdF масата е намалена за 110 килограми, односно автомобилот тежи 1415 килограми, што е фантастично за автомобил со такви димензии. Шасијата е од карбон фибер, со доста засекувања, и дифузери кои ја подобруваат аеродинамиката и  downforce. Во долниот заден дел дури се вградени и флапсови со цел да се постигне повеќе downforce. Сопирачките се истите оние како кај LaFerrari. Во прилог на управливоста и агилноста на TdF, оди и системот со чија помош задните тркала ротираат (лево-десно) заедно со предните, но сепак овој автомобил сака да занесува во свиоците како ниеден друг.

Image-3

Од место до стотка забрзува за 2,9 секунди, до 200 км/ч за 7,9, а максималната брзина му е 340+ километри на час, со напомена дека овој автомобил е направен да има врвни перформанси на тркачките патеки, со многу downforce, а знаеме дека силата која притиска и максималната брзина не одат заедно во комбинација. Популарната 1/4 милја ја проаѓа за 10,3 секунди и развива брзина од 227 километри на час. Според тврдењата на луѓето од Ferrari, на нивните тестови на патеката Фиорано, F12 TdF, имал за 2 секунди подобро време по круг од стандардната F12-ка и 488 GTB, а за 1,3 секунди послабо време од LaFerrari, што и не е некоја разлика. Едно е јасно, а тоа е дека овој автомобил е вистинска автомобилска перверзија, и дека целта на Ferrari е постигната. Ако го споредиме со 599 GTO кој пред F12 TdF беше најдобриот автомобил на Ferrari од тој вид и кој имав среќа да го возам, разликата е 100 коњски сили плус, 200 килограми минус, и многу многу повеќе downforce. Тогаш за 599 GTO реков дека тоа е еден брутален автомобил кој ми создаваше вибрации помеѓу внатрешните органи. F12 TdF по се изгледа ќе немам среќа да го возам, но ќе речам дека е LaFerrari со мотор поставен во предниот дел. Никогаш не сум бил голем фан на Ferrari автомобилите, но за овој автомобил, како и за F40, ќе речам секоја чест. Убавец и ѕвер во едно.

Image-4 Image-5 Image-6

Lamborghini Aventador SV

Image-7

Superveloce или во превод супер брз, заедно со најновиот Centenario се најсилните Lamborghini автомобили или супер автомобили. Бидејќи Centenario е колекционерски примерок, и горе долу има идентични перформанси со Aventador SV, сега за сега ќе го оставиме настрана од оваа дискусија. 

Моторот како и кај Ferrari F12 TdF, е V12, со малку поголема зафатнина од 6.5 литри и 740 коњски сили при 8400 вртежи во минута, и 690 Nm влечна сила. Благодарение на погонот на сите четири тркала, од место до 100 километри на час забрзува за 2,8 секунди, до 200 стигнува за 8,6 секунди, а максималната брзина му е 350 километри на час. Популарната 1/4 милја ја проаѓа за 10,4 секунди при што достигнува брзина од 219 километри на час. Масата на овој автомобил (1525 килограми) е нешто повисока во однос на F12 TdF поради погонот на сите четири тркала, кој пак го прави Aventador SV неверојатно добар и прецизен во свиоците. За тоа колку  овој автомобил е добар на тркачките патеки, говори и времето поставено на патеката Нурбургринг (6:59.73), што по рекордот на Porsche 918 Spyder (6:57.00), е второто најдобро време во светот.

Image-8

Цената на Aventador SV во Европа изнесува 327.190 евра, што ако се земат впредвид перформансите кои овој супер автомобил ги нуди, е добра, “пристојна” цена.

Image-9 Image-10

Споредувајќи ги Ferrari F12 TdF и Lamborghini Aventador SV, е како да ги споредувате iPhone и Samsung. И двата телефони се со врвни карактеристики,и двата имаат свои фанови, приврзаници, муштерии и се тотално различни. Така е и со овие два супер автомобили, F12 TdF е GT автомобил, а SV типичен супер спортски автомобил. Заедничка работа им е V12-ка под хауба, и тоа што се тркачки настроени. И да, и двата доаѓаат од Италија и се долгогодишни ривали. 

Image-11 Image-12

Од место до стотка е побрз Aventador SV, до 200 километри на час е F12 TdF, популарната 1/4 милја F12 TdF ја проаѓа за 10,3 секунди и развива брзина од 227 километри на час наспроти 10,4 и 219 километри на час. Максималната брзина на Aventador SV изнесува 350 км/ч, наспроти 340 км/ч на F12 TdF. 769 коњски сили и 705 Nm кај TdF наспроти 740 коњски сили и 690 Nm кај Aventador SV. Цената на F12 TdF е за вртоглави 107.000 евра повисока во однос на Цената на Ламбото. Aventador SV го има второто најдобро време на патеката Нурбургринг, додека од Ferrari тврдат дека F12 TdF е за само 1,3 секунди поспор од LaFerrari. Начинот на кој овие два автомобили се управуваат е дијаметрално различен, кај F12 TdF е комплексен и прецизен, додека кај Aventador SV, благодарение на погонот на сите четири тркала управувањето е полесно, но и не возбудливо како кај F12 TdF. 

Тесен резултат мора да признаам. За Вас незнам, но овој пат мојот фаворит е Ferrari F12 TdF. 

Image-13

Брацо Моралиќ
Брацо Моралиќ
- Реклама -