Пандев во поход кон нов трофеј

Горан Пандев е на добар пат да додаде нов трофеј во својата богата колекција доколку денеска во 14 часот, со тимот на Наполи успее да слави во Супер купот на Италија против актуелниот првак Јувентус.

Најдобриот македонски фудбалер ќе биде еден од главните адути на тренерот Валтер Мацари на дуелот што ќе се игра во Пекинг, на којшто „Наполитанците“ ќе се обидат да го повторат успехот од финалето во Купот на Италија пред неколку месеци, кога ја совладаа „Старата дама“ со 2:0.

„Јувентус има силен тим, но ние веќе покажавме дека знаеме како да го победиме. Се чувствуваме одлично, се наоѓаме во топ-форма и верувам дека можеме да стигнеме до трофејот и да им донесеме нова радост на нашите верни навивачи. Лично, јас секогаш играм добро против Јуве, се надевам дека истото ќе биде случај и во Пекинг“ изјави Пандев во пресрет на денешниот натпревар.

Македонскиот репрезентативец го дочекува овој дуел во извонредна форма, откако постигна најмалку по еден гол на секој од шестте контролни натпревари на „Наполитанците“ ова лето. Затоа, токму Пандев, заедно со Кавани и Хамшик ќе претставува вистинска напаст за одбраната на Јувентус, којашто ќе мора да го запре ова трио на Наполи доколку сака да стигне до позитивен резултат во Пекинг.

Доколку Наполи успее да слави денеска, тоа ќе биде втор трофеј во Супер купот на Италија за капитенот на македонската репрезентација. Претходно, тој се закити со пехарот во 2010 година со тимот на Интер, кога беше стрелец на првиот погодок при триумфот од 3:1 над Рома.

- Реклама -